Скопје, 21 февруари 2020 (МИА) – Седумдесет и седум барања биле разгледани на првиот состанок на Комисијата во Министерството за внатрешни работи завчера, формирана од техничкиот министер Наќе Чулев, за решавање на проблемот со недостиг на обрасци за пасоши, а од нив треба да се одлучи кои ги исполнуваат критериумите за да бидат процесуирани по итна постапка.
Ова е едно од привремените решенија за издавање на патни исправи за пријавените околу 15 илјади граѓани. Преостанати се околу 4.900 обрасци за пасоши, а се чека новата пратка од 100 илјади обрасци од Веридос, која Чулев ја најави за 24 март.
Чулев предложи Владата да усвои методологија со која со печат и со испраќање нота до државите во светот ќе се пролонгира важењето на пасошите се до моментот на пристигнување на нови патни исправи. Спасовски нема ништо против ова решение, но бара од Чулев предлогот официјално да го достави до Владата. Додава и дека во Владата се размислува во повеќе насоки, а деталите ќе се објават кога ќе биде извесно решението односно кога ќе има одржливо решение.
Како наследена ситуација го оценува проблемот со недостиг на обрасци техничкиот министер за внатрешни работи Чулев и за тоа го обвинува Спасовски, додека, пак техничкиот премиер, кој претходно го раководеше Министерство му порачува дека сега тој е на чело на МВР и оти треба да го реши проблемот.
-Јас сум министер еден месец и сите овие ситуации ги наследив како резултат на непланско, несовесно и нестручно работење на Оливер Спасовски за што е извршена интерна истрага и произлезе кривична пријава, рече вчера Чулев на прес-конференција и го повика Спасовски да свика владина седница за да се реши проблемот со пасошите.
Чулев уште истакна дека овој период мора да се распише меѓународен тендер за 10-годишно решавање на проблемот со издавање лични доклументи. Уште еднаш повтори дека на 24 март или порано треба да пристигнат 100 илјади обрасци за пасоши, а другата пратка се очекува да пристигне септември или октомври годинава.
– Најверојатно нема да бидат веднаш со новото уставно име на РС Македонија заради тоа што не се утврдени техничките спецификации околу изгледот на новата патна исправа и новите лични документи. Моментално работат работни групи од МВР и од компанијата „Веридос“ затоа што и тоа не е направено, склучуваме нов рамковен договор за две дгодини со истата фирма, порачуваме, а не се специфицирани изгледот и содржината на новите лични документи, појасни министерот Чулев.
За премиерот Спасовски, ставот на министерот Чулев дека во Владата недостасува политичка волја да се реши прашањето со пасошите, е најблаго речено, несреќна изјава што може да биде дадена.
– Остварување на тие овластувања што ги има МВР, а е дел од Владата не може да стане збор за немање политичка волја, рече Спасовски.
Според него, веќе месец и пол функционира оваа Влада, а само пред една недела добила информација дека има проблем со издавање на пасошите. Проблемот, истакна, е некаде на друго место, меѓутоа се бара одредено решение за кое се надева дека ќе биде најдено.
– Пред една недела беше доставена информација до Владата во однос на состојбата со пасошите. Мислам дека подоброто менаџирање, начинот на функционирање внатре во институцијата, повеќе бавење со суштински работи отколку со неважни прашања, немаше да доведе до една вакна криза, изјави премиерот Спасовски.
На барање на новинарите да одговори кој е надлежен за јавните набавки во МВР, каде може да се лоцира одговорноста за пасошите, кои служби затаиле во набавката на обрасците, Спасовски одговори дека за функционирањето внатре во МВР надлежен е министерот, а секако има механизми и начини да се утврди кој има, ако има одговорност.
– Сум имал и јас такви ситуации неколку пати во целиот тој период, но немаше проблем во јавноста во делот на пасошите или во делот на издавање на други лични документи, потенцира премиерот и поранешен министер за внатрешни работи Спасовски.
Појасни дека нарачките на обрасци за патни исправи се прават секоја година врз основа на постојана анализа за фреквенцијата односно за нивното побарување и потрошеноста.
Што се однесува до најавената кривична пријава за него, Спасовски нагласи дека има истражни органи и слободно нека ги проверат сите аспекти, а тој не бега од одговорност.
Од МВР информират дека барањата за издавање патни исправи, поткрепени со соодветна документација, треба да бидат доставени до подрачните единици на Одделот за граѓански работи, со назнака дека се работи за ИТНИ барања за патни исправи кои се во надлежност на Комисијата. Барањата неопходно е да содржат телефонски број на лицето-подносител.
Чулев минатата недела излезе на прес-конференција на која кажа дека поранешниот министер за внатрешни работи Спасовски четири години не презел конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасци за лични документи.
– МВР се соочува со сериозно проблем и застој во издавање на лични документи особено на патните исправи што е последица на несовесно работење во минатото, но воедно и отвора сомнежи за прекршување на законски процедури и норми. Се работи за свесно или несвесно заобиколување на законски утврдените процедури кои отстапки само го потврдуваат недомакинкото и непланско работење од Спасовски со што се предизвикани негативни фискални импликации на буџетот на МВР. Постојат индиции подкрепени со материјални докази кои велат дека се спроведувале постапки спротивно на законот и за истите се склучувале договори, рече тогаш Чулев. ац/са/