Скопје, 20 февруари 2020 (МИА) – Адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова денеска сведочеше за предметот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски – Боки13 и Катица Јанева. Димишков бил адвокат на Меѓународниот сојуз чиј претседател е Боки 13 и адвокат на Стопанска Банка Битола во која акционер е бизнисменот Јордан Камчев.
Димишков рече дека имал средба со Камчев на која му била покажана судска наредба потпишана од неговата састра, судијката по претходна постапка Димишкова. На прашање на одбраната тој рече дека сметал оти сакаат да го искористат, односно неговата сестра да биде изземена како судија по претходна постапка.
На прашање пак на обвинителката Вилма Рускоска да одговори со „да“ или „не“ дали тој му предочил на Камчев дека не може да му помогне во случајот „Империја“ како адвокат и дека треба сестра му да се изземе, Димишков рече дека „наредбата не била сè уште формиран предмет“. На ова реагираше адвокатот Сашо Дуковски дека сведокот е малтретиран од Русковска. Сепак Димишков не даде конкретен одговор на прашањето на обвинителката.
Димишков имал средба со директорот на Стопанска банка Битола Владимир Евтимоски, кој му посочил дека Камчев сака да се сретне со него во врска со случајот што се води против него. Според сведокот, средбата се остварила, Камчев му понудил да учествува во тимот адвокати за одбрана во предметот, на што сведокот му одговорил дека ќе формира цена за награда и ќе го известел и дека потоа не се виделе.