Велес, 17 февруари 2020 (МИА) – Општина Велес подготвува втор јавен конкурс откако првиот не успеа, за изработка на идејно архитектонско-урбано решение за уредување на централното градско подрачје на просторот од јаворот на плоштадот С’рмаале до Стоковната куќа и како посебна целина делот од спротивната страна кај НЛБ Тутунска банка покрај пругата па се’ до јавните градски тоалети.
Како што информира градоначалникот Аце Коцевски, на првиот конкурс што беше распишан уште на 22. ноември минатата година пристигнале две идејни решенија,
-Иако имаше многу добри идеи во овие идејни решенија, стручната комисијата донесе одлука да не прифати ни едно и да се распише нов јавен конкурс.,а кој е во подготовка и наскоро ќе биде објавен,информира Коцевски.
Тој ги охрабрува и поттикнува сите заинтересирани да ги поднесат своите квалитетни решенија.
Коцевски информира дека ќе направат кампања да ги анимираат првите проектантски фирми од земјава и професорите од Архитектонскиот факултет, за да се пријават, а со надеж дека на вториот јавен повик ќе добијат подобри идејни решенија.
Тој нагалси дека Комисијата решила наградата за најдобар труд да ја зголеми од две на три илјади евра односно 180 илјади денари.
Инаку, конкурсот е анонимен, а право на учество имаат сите правни лица кои се регистрирани за вршење на дејност од областа на архитектурата и урбанизмот и физички лица – дипломирани инженери архитекти и студенти по архитектура. ад/цр/