Скопје, 16 февруари 2020 (МИА) – Ако го донесеме законот за јавно обвинителство, ќе испратиме одлична вест и одличен сигнал дека Република Северна Македонија може и во ваков предизборен период да носи тешки одлуки доколку се работи за иднината на државата во ЕУ, смета Бојан Маричиќ, националниот координатор за европски прашања во Владата.
Тој во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели и дека земјава ги исполнила условите за преговори. Сега останува на одговорноста на ЕУ да донесе одлука. Треба да сме претпазливи и внимателни и не треба да даваме никакви конкретни прогнозирања поврзани со датуми, оценува Маричиќ, бидејќи, како што вели, во минатото тоа не функционираше.
– Ние сме подготвени за преговори, ги исполнивме сите услови и сметаме дека сме заслужиле уште во октомври да добиеме одлука за почеток на преговори. Затоа ни е важно таа одлука за почеток на преговори граѓаните да ја добијат што поскоро, за тие да добијат вистински сигнал од ЕУ дека сите тешки одлуки во изминатиот период и дека сите тешки реформи навистина вредеа. Тоа би била вистинска порака кон граѓаните, не кон која било политичка опција, затоа сметаме дека за граѓаните е важно час поскоро тоа да се донесе, а дали ќе биде во март тоа во ниту еден случај, за жал, не зависи од нас како држава. Инаку што се однесува до нас, реков веќе, дека уште во октомври ќе го добиевме тоа. Секој ден што порано ќе добиеме, тоа ќе биде позитивно за нас. Она што, ако ја држиме Европската унија за збор, во заклучоците од октомврискиот совет пишува дека до Самиот во мај ќе се навратат на ова прашање. Единствена шанса од Самитот во мај е Советот во март, така што останува на нив и на нивната одговорност да донесат одлука, вели Маричиќ.
На прашањето дали новата методологија ќе го отежни или олесни процесот на преговори со ЕУ, Маричиќ одговара дека е тешко однапред да се каже каква ќе биде нејзината крајна улога или крајна цел.
– Иницијалната цел на оваа методологија е таа да го олесни, забрза процесот на проширување и да го направи посуштински и пополитички. Тоа значи дека бирократијата ќе има улога, меѓутоа политичките фактори во европските институции, особено државите членки би требало да имаат поголема улога од онаа што ја имаа до сега. Исто така групирањето на политиките, односно на поглавјата во неколку кластери, значи групирање на темите по коишто ќе се разговара, но и нивно меѓусебно поврзување. Очекувам овој процес да ја одблокира сегашната ситуација, којашто е неиздржлива за сите и за државите кандидатки и за државите членки и за европските институции, а како ќе тече во пракса и каков живот ќе и се даде на оваа методологија зависи од актерите, како и за сите досегашни циклуси на преговори за членство, истакнува владиниот национален координатор за европски прашања.
Според него, законот за јавно обвинителство никогаш не бил поставен како услов за почеток на преговорите со ЕУ, во ниту еден реформи план, но секој чекор што го прави земјава во насока на зајакнување на правната држава и владеење на правото и помага.
-Неколку пати беше спомнат од неколку пријателски држави, земји-членки на Унијата во смисла на продолжување на борбата против корупцијата и организираниот криминал и продолжување на случаите на СЈО пред Суд. Беше значаен и во таа смисла беа очекувањата. Не верувам дека зависи одлуката од овој закон, но ќе биде одлична вест и одличен сигнал дека Република Северна Македонија може и во ваков предизборен период да носи тешки одлуки доколку се работи за иднината на државата во ЕУ, потенцира Маричиќ. мч/бак/