Утрински Весник
Македонија

Собранието од 19:00 часот ќе работи без пауза додека не се распушти

Собранието од 19:00 часот ќе работи без пауза до донесување на законот за ЈО

Скопје, 14 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека од 18.00 до 19.00 часот ќе трае паузата од расправата за предлог законот за јавното обвинителство, а по 19.00 часот ќе продолжи и ќе трае без прекин додека Парламентот не биде распуштен.

Во попладневниот дел од седницата не можеше да се слушне ништо ново, освен предлогот на Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ која апелира, секој што е засегнат во некои од судските случаи, истражни или предистражни постапки, да не влегува во расправа за законот.

-Кога сме засегнати, добро е да не говориме зашто граѓаните ќе речат дека сме пристрасни. Имам свое мислење за законот и кога ќе дојде време ќе го кажам. Добро е да има добро законско решние за конечно да завладее правото и граѓаните да чувствуваат правна сигурност. Жал ми е што денес гледам како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ учествуваат во самоуништување на партијата. Би сакала ова да престане веднаш и личните наши работи да ги оставиме по дома, истакна Рангелова.

Претходно, во текот на дискусијата, пратениците од владејачкото мнозинство уште еднаш повторија дека донесувањето на законот за ЈО ќе значи почетокот на борбата против корупцијата и криминалот, додека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ им возвратија дека го туркаат со сила и противуставно, само за да се спасат Заев и други владини функционери од одговорност.

-Едно е јасно, дека ова е сериозна, голема и последна борба меѓу мафијата и правдата. Но, ќе успееме, да знаете. Законот е последната неопходна алатка за борба со сериозниот организиран криминал во нашата држава кој сé уште не можеме да го искорениме, но ќе успееме, ќе го донесеме законот до крајот на седницата, истакна Александар Кирацовски и ги повика сите кои, како што рече, се чесни, да не потклекнуваат на криминал и корупција, туку да го изгласаат предложеното решение.

На тоа Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека граѓаните веќе прават разлика меѓу она што се зборува и она што се прави, дека препознаваат дела.

-Носите противуставен закон без прифатени забелешки од експертите, само за да спасите едно лице од одговорност, а тоа е Зоран Заев. Под плаштот на овој закон се обидувате да избегате од избори, докажувате дека сте подготвени целата држава да ја ставите во заложништво, а и самите станавте заложници на еден човек – Заев, кој има еден приоритет, како да одбегне одговорност од сите скандали и афери. Со еднострано носење на овој закон ќе се воспостави целосна и зголемена контрола врз обвинителството за по поразот на 12 април да избегнете одговорност за сомнежите за сторени криминал и корупција. Всушност, стигнавме до таму, да ги доведеме во прашање изборите и договорот за нивно одржување на 12 април со кој се согласивме сите кај претседателот Пендаровски без забелешка од ниту една партија, истакна Мицевски

Кажа и дека ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку против партиски закон со кој ќе се штити криминалот. Закон за ЈО треба да се донесе, но тоа треба да биде, нагласи, закон со кој државата вистински ќе се бори против корупцијата и криминалот.

Соња Мираковска од НСДП го оцени „говорот“ на Мицевски како политичка парола. Во репликата го праша зошто кога биле на власт не донеле закон за ЈО. – Од 2013 – 2016 година се направени најголемите злоупотреби и кршења на човекови права. Во тој период многу луѓе под политички прогон завршија во затвор, истакна Мираковска.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, на јавноста треба да и биде јасно дека законот што се турка воопшто не е услов за земјава да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Димовски предупреди и дека ако законот се донесе, „Македонија и официјално ќе стане држава на мафиите“.

– Од  овој закон не зависи датумот за преговори со ЕУ. Ме плукавте кога велев дека СЈО е чудовиште, плукајте ме и сега. По донесување на овој закон, на власт ќе биде мафијата зашто преку своите испостави во државната безбеднст и судските институции ќе прави кадровска политика, рече Димовски.

Нола Исмаиловска Старова од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ го потсети Димовски дека „чудовиштето“ беше донесено во Пржино. Во врска со законот за ЈО, пак, му порача дека треба да се направи дистинкција меѓу членот 110 и новите случаи.

Претходно, Емилија Александрова од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ВМРО-ДПМНЕ со изнесените ставови за законот за ЈО ја тера партијата во погрешен правец.

-Гласавте за НАТО пред два дена. Сакате да кажете дека тоа не е придобивка за нашата држава? Мене не ми е интерес Заев, јас сум ВМРО-ДПМНЕ и ме интересира во кој правец ја терате мојата партија. Да и помогнеме на партијата да го најде вистинскиот правец. Не знам дали ќе добиеме датум во март, април или јуни, но знам дека ќе добиеме, а законов е поздравен од нашите стратегиски партнери, од ЕУ, и можеме со неговото донесување да придонесеме за добивање датум. Покажете разум, покажете државнички капацитет, дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да гради држава во секоја смисла на зборот, подвлече Александрова. мч/мд/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме