Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Ако Собранието не се распушти до недела ќе има политичка криза

Мицкоски: Повисоки просечни плати и пензии, инвестиции, пониски даноци

Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е убеден дека на 12 април ќе има предвремени избори, а ако Собранието не се распушти до недела, според него ќе настапи сериозна политичка криза.

– Убеден сум дека ќе се одржат изборите на 12 април. Ако не се распушти Собранието до недела влегуваме во сериозна политичка криза, вели Мицкоски, кој вечерва гостуваше во емисијата на Алфа „Што не е јасно? во одговорот на прашањето дали по барањето за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи е можно да се случи престврт и да се доведе во прашање одржувањето на изборите.

Тој рече дека денеска во Собранието се вршел пазар за да се обезбеди двотретинско мнозинство за предлог законот за јавно обвинителство.

– Не би сакал да се симнувам толку ниско да откривам како течел пазарот денеска. Но ова е показна вежба што ќе се случува на 12 април, и ден потоа кога ќе изгуби Заев и ќе се види уште еднаш на што се е подготвен, вели Мицкоски, според кого предлог-законот за ЈО е неуставен и неговата партија нема да го поддржи.

Тој зборуваше и за тоа зошто неговата партија нема да го напушти Собранието, појаснувајќи дека доколку неговата партија се одлучела на таков чекор експресно ќе биле изгласани не само законот за ЈО, туку и  други закони, од кои според Мицкоски ќе профитира семејството на Заев.

-Најсреќен ќе беше Зоран Заев да го напуштевме ние денеска парламентот, сите оние закони за марихуана ќе си поминеа. Најсреќен тој ќе беше ние вчера да завршевме со изјава после ИК на партијата дека го напуштаме парламентот. Сите верувајте денеска на брза трака ќе влезеа сите закони, не закон за обвинителство туку оние закони кои ќе донесеа пари во фамилијата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќе причини наброја зошто не го прифаќа законот за ЈО, а меѓу нив повторно го спомена членот 110 каде што, како што рече, „стои јасна амнестија на кривични дела или пак кривични дела кои што се поткрепени со докази на стекнат матерјал како што е снимање итн“. ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме