Утрински Весник
Македонија

Петровска: Се случуваат потези што во јавноста не оставаат впечаток дека се подготвуваме за фер и демократски избори

Петровска: Се случуваат потези што во јавноста не оставаат впечаток дека се подготвуваме за фер и демократски избори

Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Пред месец дена кога се формираше техничката Влада бев многу голем оптимист дека Министерството за внатрешни работи без оглед на промените внатре ќе обезбеди услови за спроведување фер и демократски избори. Месец дена подоцна не сум песимист, но не сум толку убедена. Тоа не значи дека нема да има фер избори, но изминативе месец дена по тоа што и јавноста имаше можност да види што се случува во МВР се случуваат потези што во јавноста, не оставаат впечаток дека се подготвуваме за фер и демократски избори.

Ова денеска го посочи дополнителната заменик-министерката за внатрешни работи во предоната Влада, Славјанка Петровска на панел-дискусијата насловена „Слободни избори наспроти црна пропаганда“ во организација на ЦИВИЛ.

МВР, како што потенцира Петровска, е еден од најчувствителните органи во државата во кој, според неа, не смее и не е дозволена дневна политика.

– Треба да испратиме порака дека МВР професионално ќе ги организира и ќе ги спроведе изборите во своја надлежност. Оние стари манири на мешање на партиите во работата на Министерството треба да ги заборавиме. Голем недостаток во оваа борба со хибридната војна е недостатокот на темелна регулација на законодавството, но во рамки на инструментите што ни се на располагање како институција, мора да покажеме малку поголема проактивност, вели Петровска.

Таа се надева дека во периодот што претстои, политичките партии ќе истапат со политички програми и ќе дискутираат за тоа што се нивни цели за во иднина, а оти ширењето лажни вести ќе го остават на стенд бај и нема да се служат со таа, како што вели, црна кампања.

Професорката Јасна Бачовска, која беше учесник во дебатата, рече дека ова ќе бидат тешки избори заради, како што додаде, континуираното сложена политичка ситуација.

– Проблемот е голем и глобален, лажните вести, разните спинови, пропагандата се глобален проблем. Дали забележувате дека за лажни вести повеќе се зборува кога станува збор за Америка и тој тип на американски медиумски систем кој го имитираат и други земји во светот, но кога зборуваме за ваков тип на манипулации, лажни вести многу помалку се спомнуваат во европските земји, како Франција, Германија…Секаде ги има, но не прават толкави проблеми како во американскиот тип на медиумски систем за кој за жал и една малечка земја на Балканот личи на тој систем, бидејќи нашиот медиумски систем го искомерцијализиравме и немаме медиумски систем од типот на европските медиумски системи. Многу пати се повторувам, но тука го гледам решението, потенцира Бачовска.

Според неа, во нашата земја нема медиуми со интегритет.

– Мора да имаме медиуми со висок интегритет, затоа што во Франција може да слушнете било каква вест, лажна вест на портали, но на крај ќе отворите „Гардијан“ кој има уредник, физичка адреса и потпис под текстот на новинарот кој носи јавна одговорност за информацијата, смета Бачовска.

Таа вели дека во земјава не се покажало политичка волја да се зајакне јавниот сервис и оти ние немаме квалитет на медиуми. Проблемот го гледа во структурата на програмата, односно, како што вели таа, нема емисии за евроинтеграции, за владеење на право, за култура, едукативни содржини.

Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец вели дека во моментов во македонското општество постои амбиент за општествен бунт против дезинформациите.

– Во Северна Македонија не се шепоти веќе, секој може да зборува слободно и гласно, да ја критикува власта што е нормално, но да ги критикува и сите оние без разлика од која политичка страна доаѓаат, да ги критикува и сите оние што ќе се дрзнат да шират дезинформации, вели тој.

Забрчанец информира дека Владата работи на креирање на посебна стратегија за воведување медиумска писменост во општеството, и оти се разгледуваат модели од западните земји.

– Ќе ги слушаме експертите на таа тема и целта ни е до крајот на 2020 година да се изнајде решението, а веќе од 2021-ва да почне да се појавува медиумската писменост како содржина во образовниот систем што е мерка најмалку на среден, ако не и на долг рок. Воведувањето медиумска писменост е влог во иднината, идните генерации, рече Забрчанец. мс/дма/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер