Тетово, 13 февруари 2020 (МИА) – Специјални ранци во кои се пакуваат лавински пребарувач (трасмитер, трекер), лавинска сонда и лавинска лопата, е опремата што ќе овозможи безбедно „фри рајд“ (слободно) скијање на Попова Шапка, но и заштита на скијачите од лавини.
Опремата ја обезбеди тур-оперторот „Shar Outdoors” со финансиска поддршка на швајцарскиот ИМЕ проект за зголемување на пазарната вработливост, а беше промовирана денеска, директно на терен. Засега има вкупно 12 водичи кои знаат да ја користат и кои можат да организираат „фри рајд” скијачки тури на Шапка.
– Опремата дојде во одличен момент за да ги поставиме безбедносните стандарди кои странските партнери ги бараат и ние локално мора да ги развиеме за да ја подигнеме „сценава“ и да стигнеме до ниво да бидеме посакувана дестинација за овој тип скијање, рече Методи Чилиманов од „Shar Outdoors” пред презентацијата.
„Shar Outdoors” засега работи само со странскиот пазар, но полека сака да развие продукти со кои би го анимирал и локалниот. Еднодневните тури кои вклучуваат возење со ратрак и скијање, чинат 199 евра.
– Со опремата практично го удвоивме капацитетот на работа. Инаку, во локалните скијачи ги гледаме потенцијалните водичи за во иднина. Интерес за обука кај нив има. Веќе се отворени ски-туринг школи на кои ги нудиме курсевите за лавинска безбедност што ние веќе ги поминавме, рече Чилиманов.
Заменик-амбасадорот на Швајцарија Стефан Томажан потенцира дека безбедноста е многу битен елемент за развој на авантуристичкиот туризам.
– Не можете да привлечете туристи ако немате безбедносни стандарди. Безбедноста подразбира соодветна опрема и соодветен тренинг за користење на таа опрема. Затоа, освен што дадовме поддршка за обезбедување на опремата, ги поддржавме и обуките на водичите, истакна Томажан.
„Shar Outdoors” самоиницијативно ја почнале целата „авантура“ и најпрво сами се снаоѓале во изнаоѓањето клиенти и соодветен начин за функционирање. Опрема набавиле уште пред шест години, но ја користеле само за нив. Откако одлучиле да ја прошират работата со странски гости, морале да побараат помош. Тоа било во периодот додека уште биле само скијачи, а не и водичи.
Чилиманов на презентацијата образложи и покажа како се користи опремата за безбедно „фри рајд” и лавинско скијање.
– Трекерот го носи скијачот и тој цело време всушност трансмитира сигнал. Ако евентуално се појави проблем или биде зафатен од лавина, можеме лесно да го пронајдеме. Сондите се користат за фино пребарување, а лопатите за откопување. Ранецот треба да го активира скијачот при проблем, со повлекување на соодветната рачка. Со тоа се отвора балон кој служи како „air bag“, кој ќе го заштити неговиот врат и ќе го направи многу поголем скијачот, погабаритен, за да остане на површина, односно да не пропадне во лавината, објасни Чилиманов.
Ранецот и балоните се во „дреч“ боја, за многу брзо лоцирање на оној што е во неволја.
Од терените на Попова Шапка каде што и практично беше демонстрирано користењето на опремата, членовите на „Shar Outdoors” порачаа дека огромниот потенцијал на Шар Планина мора да се искористи и во овој контекст е неопходно развивање на квалитетен ски-центар. мч/дма/