Утрински Весник
Македонија

МАНУ: Регулаторните тела не се ефикасни, служат за вработување партиски кадри

МАНУ: Регулаторните тела не се ефикасни, служат за вработување партиски кадри

Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Регулаторните институции во земјава не се ефикасни, ниту доволно транспарентни, најчесто служат за политички раскусурувања и згрижување партиски кадри, а не ретко „меко преговараат“ и со бизнисите поради што носат решенија штетни за општеството. Потрошувачите, во меѓувреме, се тотално немоќни, без скоро никаква поддршка, зашто во оваа сфера се уште не постои издржан закон.

Како што беше речено на денешната дебата во МАНУ, поради неефикасноста на пазарната регулација загубите на македонската економија надминуваат 20 отсто од БДП.

-Владите досега не обрнуваа доволно внимание на регулаторните тела. Ги третираа како институции од втор или трет ред, ги користеа за партиски раскусурувања и вдомување свои функционери. Сериозни се проблемите во оваа сфера и затоа е неопходна трансформација, истакна академик Таки Фити.

Според него, голема е дискрапанцата меѓу она што го планираат и реализираат регулаторните тела, а огромно е и незадоволството од нивната работа и кај граѓаните и кај стопанството.

-Регулаторните тела од аспект на ефикасноста се на ниво „треба да биде“. Сакаат со 20 отсто активност да имаат 80 проценти резултати, наместо обратно, како во развиените земји. Анализите покажуваат дека не се независни, дека не се доволно транспарентни и отворени, а преку половина од граѓаните и фирмите не се задоволни од нивната работа. Истовремено, не ја извршуваат и дејноста за која се формирани. Имаат големи проблеми со системското менаџирање, планирањето, финансирањето, управувањето и контролата. Покажуваат огромни разлики во планираните и остварените капитални инвестиции или интелектуални услуги, но со платите тоа не е случај. Тука се остварува се како што е планирано, потенцира професорот Изет Зекири, дописен член на МАНУ.

Како пример ја посочи Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) која според фактурираните плати има 128 – 130 вработени за кои дава 2,156 милиони евра бруто плата. АЕК секоја година планира милионски суми капитални инвестиции, а реализира минимум. На пример, во 2018-та планирала четири милиони евра инвестиции, а реализирала само 550.000 евра.

-Од 2009 – 2018 година АЕК постојано остварува вишок средства или во овој период реализирала вкупно 35,4 милиони евра. Од ова се гледа дека е профитна, а не непрофтина институција како што пишува во Законот. Ако се анализира годишниот надоместок, тој е најмногу 0,30 отсто од вкупниот годишен приход на операторите. Зошто Агенцијата да креира таков профит кога може овој процент да се намали и за крајните потрошувачи да се намали цената на импулсите?, напомена Зекири.

И професорката Даниела Мамучевска од Економскиот факултет во Скопје оцени дека клучен извор за неефикасноста на пазарната регулација во земјава е независноста на регулаторните институции. Далеку сме, рече Мамутчевска, од оптимумот според кој доброто функционирање на регулаторните тела ќе бидат основа за развој на здрава економија. Владата и политичките партии ги гледаат како места за згрижување партиски кадри, додека моќните бизниси често ги користат за преговарање.

Според Мамучевска, и судската власт е голем виновник што испорачуваме слаби резултати во пазарната регулација.

– Се носат закони со кои директно се нарушува независноста на регулаторните тела, а Владата и политичките партии ги гледаат како места за згрижување партиски кадри. Регулаторните институции немаат и соодветен кадровски капацитет, а тоа го подрива нивниот кредибилитет, подвлече професорката.

Претставникот од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) укажа на потребата од прилагодување на регулаторите кон бизнисите и нивно редуцирање. Не акција – реакција, туку интеракција, треба да биде односот меѓу деловната заедница и регулаторните тела, сметаат од АЕК. Комисијата за заштита на конкуренција, пак, тврди дека е независно тело и дека вработените се стручни, а контролата врз извршувањето на дејноста го спроведуваат европски комисии.

Денешната дебата во МАНУ, како што најави академик Фити, е прва од циклусот планирани во наредниот период. Изнесеното во текот на дискусиите ќе се сумира и ќе се преточи во конкретни решенија со цел воспоставување ефикасен и праведен систем за регулација. Сите решенија, според Фити, ќе бидат вградени во посебен зборник кој ќе биде доставен и до креаторите на политиките. Според претседателот на МАНУ, едно е извесно – дека мала економија како нашата мора да биде многу внимателна при одлучувањето за бројот на регулаторните институции, а ако е потребно, добро е некои да се укинат, а други да се спојат.

Во земјава засега има десет регулаторни тела со вкупно 368 вработени. мч/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!