Кочани, 11 февруари 2020 (МИА) – Локалната самоуправа на Кочани го почна проектот за реконструкција на тротоарите во централното градско подрачје, за што од општинскиот буџет инвестира 3,6 милиони денари. Активностите почнаа на улицата „Браќа Ставреви“, која е една од најстарите во градот, по што ќе продолжат и на останатите пешачки површини што подолг период беа оштетени и ископани.
–Механизацијата го отстранува постојниот асфалтен и бетонски слој на тротоарот на потегот од стариот парк кон градскиот плоштад. Работите ќе се одвиваат од едната страна на улицата, каде ќе бидат поставени бехатон плочки, а реконструкцијата опфаќа и менување на дел од уличните рабници со нови. Освен тоа, ќе се направи прилагодување на постојните шахти за атмосферска и фекална канализација, како и дополнително уредување околу постојните дрвореди, истакна Ристаки Пантов од Одделението за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани.
Според најавите на стручните служби во локалната самоуправа, при реконструкцијата на тротоарите ќе се поставуваат повисоки рабници за да се намали можноста за злоупотреба на површините за непрописно паркирање на автомобилите и против друг вид узурпација на просторот наменет за движење на пешаците.
Општина Кочани склучи договор за реконструкција на пешачките површини со градежната фирма „Патиомонт“ од Кавадарци, а планирано е уредување на тротоарска површина од 3,5 илјади квадратни метри. та/вј/