Република Словенија, како што било нагласено, активно го поддржува отворањето преговори на нашата држава со Европската Унија. Споделени се искуства од Словенија за евроинтеграциските процеси и во таа насока упатен е апел до граѓаните на Република Северна Македонија да продолжат да веруваат дека тоа е правиот пат за земјата, којшто не е лесен, но носи подобрување на животот за сите. Констатирано е дека носењето на Законот за јавно обвинителство и отворената расправа за новата методологија на ЕУ во Унијата за прием на нови земји членки, се позитивни сигнали за натамошните определби кон проширувањето и европските перспективи на земјава.
Премиерот Спасовски се заблагодарил за континуираната поддршка на Република Словенија во сите важни демократски процеси на нашата држава, како и во евроатлантските процеси.
-Работиме да дадеме дополнителни позитивни аргументи дека нашето место е, како во НАТО, така и во Европската унија. Република Северна Македонија покажа дека може да решава специфични предизвици низ дијалог и да ја задржи јасната визија кон каде е определена да се движи, а тоа се интеграциите во НАТО и ЕУ. Ова се европски вредности покажани на дело и силна порака за целиот регион, чие што признание од Европската унија ќе биде успех за сите, и за нашата земја, и за регионот и за самата Унија, посочил премиерот Спасовски.
На средбата било констатирано дека Република Северна Македонија и Република Словенија имаат пријателски односи во растечки тренд, без оптоварување со ниту едно билатерално прашање, што значи отворен простор за унапредување на соработката во економијата, земјоделството, животната средина, културата.
Заеднички е заклучено, како што стои во соопштението, дека денеска потпишаниот Меморандум за развој и соработка меѓу владите на двете држави, за периодот 2020-2021 година е пример на добрата соработка.
Потписниците на меморандумот, вицепремиерот Бујар Османи и словенечкиот амбасадор, Милан Јазбец, по потпишувањето информираа дека станува збор за два милиона евра што Владата на Република Словенија ги дава на Република Северна Македонија за кофинансирање инфраструктурни објекти, како што е водоснабдувањето во некои општини, како и за поддршка на цивилниот сектор во евроинтеграцискиот процес.