Делчево, 11 февруари 2020 (МИА) – Во работна посета на Делчево денеска престојуваше заменик-амбасадорот на Германија во државава Ото Граф, кој имаше средба со делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, а го посети и Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ каде изврши примопредавање на машина за одржување на канализацискиот систем набавена преку Фондот за мали грантови на Германската амбасада.
На средбата се разговараше за актуелните проекти кои се реализираат во Делчево, а заменик- амбасадорот Граф, посебно се интересираше за економскиот развој на Делчево, трговската размена со соседна Бугарија и за повеќе други специфики.
-Целта на посетата е да се предаде во употреба машина за одзатнување канализација, донирана од Германската амбасада преку Фондот за мали грантови и ја искористивме оваа прилика да се сретнеме со градоначалникот Трајковски за да се запознаеме со спецификите на Делчево, да разговараме за многу теми, за економскиот развој и други нешта. Се надеваме дека ова нема да бидем последна посета и дека нашата соработка ќе продолжи и во иднина, рече заменик-амбасадорот Граф.
Како резултат на добрата соработка градоначалникот Горан Трајковски потсети дека ова е трета донација на Делчево од Германската амбасада.
– На средбата го запознавме заменик амбасадорот Граф со приоритетите на Општината како погранично место, со нашите заложби, со актуелните проекти кои одат во насока за да го подобриме квалитетот на животот на нашите сограѓани. Посебно ја цениме поддршката што ја добиваме од германскиот народ, преку Фондот за мали грантови, а Делчево досега има добиено три донации за што сме посебно благодарни, рече Трајковски.
Според директорот на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ Стојче Стојковски, донацијата во голема мера ќе ја подобри ефикасноста и ефективноста на работата на претпријатието.
-Станува збор за машина за одзатнување и чистење канализација модел вибра Г-2900 и работи на воден притисок до 20 бари, наменета е за одзатнување и перење канализациска мрежа со пречник до 250 мм. Како претпријатие располагаме со 78 километри канализациска мрежа и со донацијата значително ќе се подобри квалитетот на услугите, истакна Стојковски.
Вредноста на донацијата од германската амбасада за јавното комунално претпријатие изнесува 450 илјади денари. вс/лв/