Утрински Весник
Свет

Самсунг развива хуманоиден робот, сака да работи во фабрики и домаќинства

73a44851 51c3 4ff3 9695 f984c14e7163.webp.webp

„Самсунг електроникс“ минатата недела му претстави на својот одбор на директори прототип на хуманоиден робот и планира да го претстави пред јавноста во јануари, изјави извор запознаен со проектот, додека јужнокорејскиот производител на мемориски чипови и паметни телефони бара нови извори на раст.

„Самсунг“ планира да го претстави роботот на Саемот за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас, влегувајќи во сè поконкурентен пазар на кој веќе се вклучени кинеските „Унитри“, „Тесла“ и „Бостон Дајнамикс“, во сопственост на „Хјундаи Мотор“, изјави изворот.


Во јули, Samsung го основа одделот Robotics eXperience (RX), кој директно му известува на извршниот директор ТМ Ро и е задолжен за истражување и развој на роботика, долгорочна стратегија и комерцијализација на производи.

Роботските раце претставуваат посебен предизвик

На демонстрацијата одржана во четврток во Истражувачкиот центар за роботика на „Самсунг“ во Сеул, на која присуствуваше и Ро, акцентот беше ставен на координацијата на движењата на целото тело и способноста на роботот да крева и манипулира со предмети со рацете, рече изворот.

Изворот сакаше да остане анонимен бидејќи Samsung сè уште јавно не го претстави прототипот. Компанијата одби да коментира за информациите.

Самсунг е фокусиран на развој на спретноста на роботските раце, што е еден од клучните предизвици во развојот на хуманоидни роботи. За да извршуваат задачи во фабриките, роботите мора да бидат способни сигурно да фаќаат, ротираат и движат предмети.

„Ако му кажете на сопственик на фабрика дека вашиот робот е успешен во 99 проценти од случаите, тој сепак ќе ви се смее бидејќи стапката на успех мора да биде 99,99 проценти за да се пушти на производствена линија“, рече Крис Хаузер, раководител на лабораторијата за роботика RX на Samsung, во септември.

„Тоа е област која не простува грешки“, додаде тој.

Роботите ќе работат дома и ќе им помагаат на старите лица

Долгорочните амбиции на „Самсунг“ вклучуваат и развој на потрошувачки роботи кои би можеле да извршуваат домашни работи и да им помагаат на постарите лица, рече Хаузер во септември.

Производителот на чипови, дисплеи, телефони, телевизори и домашни апарати објави во март дека има намера да ги претвори своите фабрики во објекти контролирани од вештачка интелигенција до 2030 година и да воведе хуманоидни роботи во производствените процеси.

Самсунг планира да изгради производствена линија за хуманоидни роботи во Гуми, градот во југоисточна Јужна Кореја каде што се наоѓаат неговите фабрики за паметни телефони.

Компанијата, исто така, спроведува истражувања за роботика во САД, Кина и Јапонија. Порано оваа година, таа објави дека, доколку е потребно, ќе разгледа инвестиции и аквизиции за да го забрза развојот и комерцијализацијата на роботските технологии.

Во 2024 година, Самсунг стана најголем акционер на јужнокорејската компанија за роботика „Рејнбоу Роботикс“.

Можете да прочитате

Иран користел „Старлинк“ за напад на американски цели

Шпанија денеска гласа: Скапите кирии и станбената криза во центарот на изборната битка

Голем украински напад врз Русија, Москва тврди дека соборила над 1.000 дронови