
Американскиот технолошки гигант Гугл објави денеска дека ја прекинал работата на голем центар за податоци во јужна Белгија по судска одлука поради немање дозвола.
„Ја прекинавме работата во согласност со упатствата на локалните власти и во очекување на нови упатства“, изјави портпаролот на Гугл, пренесен од француските медиуми.
„Работиме во Белгија повеќе од 15 години и остануваме посветени на почитување на локалните закони“, додаде тој.
Белгиските власти вчера објавија дека му наложиле на Гугл да ја прекине работата на локацијата откако Гринпис предупреди дека нема дозвола.
Станува збор за центар за податоци што се гради во деловна зона во област на три општини во регионот Шарлероа, на југот на земјата, на поранешно рударско наоѓалиште со површина од 50 хектари.
Николас Јерно, портпарол на регионалните власти на Валонија, вчера потврди дека е издадена „наредба за прекин на работата“ поради „нелегалната изградба“ на зграда од три хектари на локацијата. Градилиштето на Гугл беше отворено врз основа на градежна дозвола издадена од властите во 2024 година.
Заплетот, според Јерно, започна годинава со барањето на американскиот гигант да ги промени условите на првичната дозвола и да ја прошири изградената површина. Во него се бараше и одобрување на системот за ладење на ИТ објекти со вода од реката Самбре, додека проектот првично предвидуваше ладење со воздух.
По мобилизацијата на граѓаните, регионалниот министер на Валонија задолжен за инфраструктура, Франсоа Дескен, летово конечно одби да ја издаде изменетата дозвола. Гугл поднесе жалба до административниот суд за да го оспори одбивањето, а рочиштето е закажано за почетокот на јануари.
Плановите на американскиот гигант за изградба на големи центри за податоци за развој на вештачка интелигенција веќе наидоа на пречки во неколку земји. Пред еден месец, финската полиција објави дека започнала кривична истрага за влијанието на подготвителните работи врз животната средина на локацијата за центар за податоци планиран од Гугл во Мухос, во северна Финска.



