
20-годишно момче од Косово е уапсено под сомнение дека организирал лажна голема хуманитарна измама. Се претставувал како пациент болен од акутна леукемија, па собрал од граѓани и донатори од дијаспората 190.000 евра.
Ендрит Аземи од Гњилане користел фалсификувани медицински документи да ги убеди луѓето дека му е потребно итно и скапо лекување во Турција.
Како доказ за наводната болест биле приложени документи кои требало да потврдат дека е пациент во болницата „Аџибадем Алтунизаде“ во Истанбул.
За само 12 дена собрани над 189.000 евра
Според податоците на косовското обвинителство, сомнителната кампања се одвивала од 9 до 21 ноември 2026 година.
Во тој период биле собрани вкупно 189.206 евра, од кои 162.522 евра преку интернет-платформата GoFundMe, а дополнителни 26.684 евра преку хуманитарни активности организирани во Гњилане.
Сепак, по проверките на медицинската документација и наводната дијагноза, истражните органи утврдиле основи за сомнение дека станува збор за измислена приказна и организирано прибирање пари под лажен изговор.
Аземи бил уапсен на 21 ноември, околу 22 часот, по што против него била поведена постапка под сомнение за кривично дело измама.
На 23 ноември Основниот суд во Гњилане го прифатил барањето на обвинителството и му одредил притвор во траење од еден месец.
Според објавените информации, надлежните институции презеле мерки за блокирање на идентификуваните банкарски сметки, додека се разгледуваат и можностите за враќање на парите на оштетените донатори.



