
Единаесет лица загинаа во судир на автобус и камион во емиратот Рас ал Хаима во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
На местото на несреќата набрзо пристигнале итните служби, меѓу кои спасувачки и медицински екипи, цивилната заштита и полицијата.
Министерството за внатрешни работи на ОАЕ соопшти на платформата Икс дека надлежните служби го обезбедиле местото на несреќата и го регулирале сообраќајот. Покрената е истрага за причините за судирот, а повеќе детали се очекуваат по нејзиното завршување. Министерството апелираше јавноста да не споделува непроверени информации и гласини за несреќата, туку да се потпира исклучиво на официјални извори.
Ова е втора сообраќајна несреќа со голем број жртви во ОАЕ месецов. Во верижен судир на 18 автомобили и пет камиони на патот „Шеик Калифа бин Зајед“ во емиратот Фуџаира на 12 ноември загинаа 14 лица, а 30 беа повредени. Истрагата утврдила дека станува збор за два одделни судира.
Во првиот судир едно возило удрило во паркиран камион, додека во вториот камион со два контејнера за транспорт на стока налетал на колона возила и се превртел.
Меѓу повредените во таа несреќа имало осум државјани на ОАЕ, седум Индијци, шестмина државјани на Оман, тројца Египќани и по двајца државјани на Јордан, Пакистан и Бразил.


