
Приходната страна на Буџетот во 2027 година е многу внимателно проектирана заради глобалната неизвесност, но и во такви услови во Буџетот има предвиден раст на платите, пензиите, повеќе средства во судството, како и за реализација на капитални проекти. Ова го оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната средба со новинарите.
Таа наведе дека растот на даночните приходи како изворни приходи е проектиран на 6,4% и дека на расходната страна кај ставките за плати има раст од 6,6% или за 3,5 милијарди денари, ставката за пензии 4,8%. Предвидени се средства значајни и за реализација на капитални проекти.
При тоа 2 милиони евра се за амбулатни возила, 1,7 милијарди денари за набавка на автобуси за јавниот градски превоз, а за поддршка на компаниите преку Министерството за економија и труд и преку оперативниот план за вработување предвидени се 5,9 милјарди денари..
Повеќе средства се обезбедени за судската власт и Јавното обвинителство, со раст на средствата за судството од 19%, а за Јавното обвинителство од 9%. При тоа наведе министерката дека во предвидените поголемни буџети се вклучени и нови 200 вработувања. Зголемен е и Буџетот за Одбраната каде се издвојува 2% од БДП.
Според министерката растот на буџетите на институциите треба да биде во реалција со проектираниот раст на даночните приходи. При тоа напомена дека и согласно програмата на Владата нема да има промена на даночните стапки.
Во делот на даночната политика како што посочи министерката во изминатиот период интензивно се работи на подобрување на законската регулатива конкретно во делот на повратот на ДДВ, преку подготовка на законски измени со кои ќе се унапреди постојниот систем и ќе се спречат можни злоупотреби.
Во таа насока, таа истакна дека се водат разговори со бизнис-заедницата и се анализираат искуствата од европските и соседните земји, со цел креирање на соодветно законско решение конкретно во роковите за поврат на ДДВ кон компаниите.
Посочи дека оваа реформа е дел од Програмата на Владата, меѓу кои се и воведувањето зелена карта и бела листа на компании, кои ќе бидат имплементирани.
Посочи дека од почетокот на годината заклучно со 12 ноември е реализиран поврат на ДДВ за 16,6% повеќе во споредба со истиот период минатата година или 32,4 милијарди денари. При тоа потсети на повратот на ДДВ реализиран во изминатите години кој се движел од 21 милијарда денари во 2017 година, 24,6 милијарди денари во 2018 година, 26 милијарди во 2019, 25,6 милијарди денари во 2020 година, во 2021- 31,3 милијарди денари, во 2022 – 44,7 милијарди денари итн.
Во однос на капиталните расходи наведе дека од 2025 година е направена нова методологија за прикажување на капиталните расходи во Буџетот и дека доколку се примени истата методологија која не ги вклучува трансферите и субвенциите ќе се добие реалната слика за капиталните инвестиции и во претходните години.
Согласно податоците, како што наведе министерката во 2020 година се реализирале 13,8 милијарди денари, во 2021 година 16,3 милијарди денари, во 2022 година 19,5 милијарди денари, во 2023 година 35,5 милијарди денари, во 2024 година 23,9 милијарди денари, во 2025 година 28,5 милијарди денари, а сега заклучно со окотомври има реализација на 27 милијарди денари. За следната година во ставката капитални расходи се предвидени 40,8 милијарди денари.
Осврнувајќи се на движењето на јавниот долг, министерката истакна дека, како резултат на бенчмарк ревизијата на податоците за БДП што ја спроведе Државниот завод за статистика, јавниот долг како процент од БДП бележи намалување. Таа појасни дека ревизијата беше најавена уште пред две години, а согласно објавените ревидирани податоци, јавниот долг во третиот квартал изнесува 56,6% од БДП.
Министерката нагласи дека и во 2027 година јавниот долг, пресметан согласно ревидираните податоци за БДП, нема да го надмине прагот од 60%, односно ќе изнесува 59,7%.
Министерката најави дека во теков на месецот ќе се емитува нова емисија на Граѓанска обврзница.



