Утрински Весник
Свет

Епидемијата на ебола во Конго продолжува да излегува од контрола

Ebola doktor.jpg

Африканските центри за контрола и превенција на болести денес објавија дека епидемијата на ебола во Демократска Република Конго сè уште не е под контрола, шест месеци откако беше прогласена.

Во соопштението се наведува дека главните проблеми во Конго се нападите врз здравствените работници, неисплатените плати на здравствените работници и недостатокот на ресурси.


Генералниот директор на Африканските центри за контрола и превенција на болести, Жан Касеја, за Ројтерс изјави дека повеќе од 80 проценти од новите случаи се јавуваат кај луѓе кои не се на списоците на познати контакти на заразените, додека повеќе од 65 проценти од смртните случаи се случуваат во заедницата, надвор од здравствените установи.

„Еболата е најзаразна во доцните фази од болеста. Ако не ја запреме оваа епидемија сега, таа би можела да стане најлошата епидемија на ебола што светот некогаш ја видел “, предупреди Касеја.

Тој ги повика донаторите да ја стават на располагање веќе ветената помош од околу 1,6 милијарди долари и тесно да соработуваат со властите во Киншаса за да се спречи трошење пари поради дуплирање на напорите.

Касеја изјави дека некои здравствени работници не ги примиле своите плати со месеци и дека конгоанската влада работи на дигитализација на системот за пресметување и исплата на плати.

Според конгоанската влада, откако беше прогласена епидемијата на 15 мај, пријавени се повеќе од 11.200 случаи на инфекција и 5.500 смртни случаи.

Ова е втората најголема епидемија на ебола регистрирана досега, по епидемијата во Западна Африка од 2014 до 2016 година, за време на која беа заразени повеќе од 28.600 луѓе, а починаа повеќе од 11.000.

Можете да прочитате

Зелена оаза во пустината: Како Ријад го гради најголемиот урбан парк во светот

Украинска армија: Нападна аеродром и база за лансирање дронови во Русија

Естонија се подготвува да ја затвори границата со Русија по обидот за саботажа