Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Се пушти во употреба детската градинка „Лавче” во Инџиково

9f11a6d5 c1c9 105c 083b c53cf6f9c557.jpg

Со отворањето на новата детска градинка во населеното место Инџиково се создаваат подобри услови за најмладите и се подобрува квалитетот на животот на граѓаните, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на пуштањето во употреба на објектот во Општина Гази Баба.

– Кога се пушта во употреба ваков проект, тоа значи дека ќе има повеќе среќа, повеќе радост, повеќе убави моменти, пред сѐ за најмилите, за дечињата. Проектите што ги започнавме уште при самото формирање на Владата во јуни 2024 година полека, но сигурно добиваат своја смисла, односно еден по еден се завршуваат и се пуштаат во употреба – истакна Мицкоски.


Тој посочи дека Владата ќе продолжи со реализација на нови капитални проекти низ државата, оценувајќи дека нивна цел е животот на граѓаните да биде поубав и поквалитетен.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски истакна дека проширувањето на мрежата на детски градинки е дел од националната стратегија за надминување на листите на чекање и зголемување на опфатот на деца во предучилишното образование.

– Денеска повеќе од 1.400 деца дополнително се внесени во системот на детска заштита во изминатите две и пол години. Проектот што го нарекувавме 40 градинки веќе преминува во бројка од 50, бидејќи континуирано ја зголемуваме програмата на капитални инвестиции – нагласи Велковски.

Тој најави дека освен завршените објекти, наскоро ќе почне изградбата на нова градинка во населбата Сингелиќ, нагласувајќи дека целта е секое дете да добие место во системот на детска заштита.

Според градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, инвестициите во детската заштита биле поставени како еден од главните приоритети на локалната самоуправа.

– Денеска присуствувавме на свечено отворање на новата детска градинка во Инџиково. Објектот се простира на 500 квадратни метри, има три занимални и ќе згрижи повеќе од 50 деца – информираше Стефковски.

Тој потсети дека годинава во Гази Баба се отворени две детски градинки, во Трубарево и Инџиково, додека интензивно се гради и трета градинка на потегот меѓу Маџари и Инџиково.

Според Стефковски, до крајот на годината треба да биде поставен и камен-темелник на четврта детска градинка во општината.

Можете да прочитате

Силниот јужен ветер може да предизвика штети кај дуњите, јапонските јаболка и калинките

Фрчкоски: Мицкоски панично ја брани банката на Вучиќ, сака да се заташка случајот

“Транспарентност” по вмровски рецепт – ДПМНЕ предлага да платиш за да видиш кој го добил тендерот, Левица бара итно да се повлече предлог-законот