
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе се изјасни против предлогот за полагање на правосудниот испит на албански јазик ако тој стигне во Собранието, а доколку ставот на партијата не биде почитуван, ќе го преиспита своето учество во Владата. Ова го изјави претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во гостување на Канал 5.
Димитриевски рече дека ЗНАМ останува во владината коалиција додека се почитуваат договорените принципи. Предлогот на министерот Шасивари го оцени како „хибридно решение“ и посочи дека Владата сè уште нема донесено одлука, а предлогот е испратен на мислење до Венецијанската комисија.
„Во политиката постои компромис, но во владеењето на правото нема компромис“, изјави Димитриевски. Според неговото толкување, Уставот и постојниот закон не овозможуваат правосудниот испит да се полага на албански јазик.
Лидерот на ЗНАМ рече дека партијата не учествувала во политички договор за ова прашање. Тој очекува ЗНАМ да биде вклучен во разговорите на најавената лидерска средба во декември и да има можност да го изложи својот став пред да се донесе одлука.
Во гостувањето Димитриевски посочи дека правосудниот испит го полагаат дипломирани правници со работен стаж на правни работи. Тој нагласи дека прецизното разбирање на правната терминологија и познавањето на македонскиот јазик се важни за работата во правосудството.
За односите во владината коалиција, Димитриевски ја оцени соработката со ВМРО-ДПМНЕ и со премиерот Христијан Мицкоски како конструктивна. Тој ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека ЗНАМ создава политичка криза за да предизвика предвремени избори и рече дека, според него, прашањето за предвремени избори е во рацете на премиерот.



