
Соопштение за јавност на СДСМ:
Сите кои биле вклучени во процесот за влез на Алта банка во Македонија и имаат политичка или формална одговорност ќе бидат повикани да дадат одговори на собраниската надзорна расправа, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот” на Сител телевизија.
Филипче посочи дека списокот опфаќа триесетина лица, меѓу кои премиерот, претседателката на државата, министерката за финансии, гувернерот и вицегувернерите, менаџерскиот тим на Алта банка и претставници на институциите кои имаат увид во текот на парите.
„Сите коишто се на некој начин вклучени во процесот, коишто имаат политичка одговорност, коишто имаат формална одговорност”, нагласи Филипче, одговарајќи на прашањето кој ќе биде повикан пред собраниското тело.
Тој истакна дека јавноста мора да добие одговори за одлуките и постапките што довеле до влезот на банката во земјава.
„Ќе трае колку што треба. Има некои временски ограничувања согласно деловникот, меѓутоа имаме сосема легитимни прашања коишто треба да се постават и за коишто јавноста треба да биде информирана”, рече Филипче.
Претседателот Филипче потенцираше дека клучна е одговорноста што се дозволило криминална банка да влезе во Македонија.
„Ние за тоа укажуваме единаесет месеци наназад. Првата прес конференција на која што предупредуваме за Алта банка Белград е во декември 2025 година. Банка којашто станала банка од менувачница банка за којашто се сомнева дека има огромен капитал стегнат со криминални и коруптивни сделки во Србија, за коешто има сомнеж дека се переле пари преку шверц на дрога, дозволија да влезе кај нас. Каде е тука одговорноста? Затоа што тоа е клучната одговорност и тоа е клучниот момент. Каква била улогата на Мицкоски тогаш? Трајко Славески кажа да, го консултирал и бил вклучен во целокупниот процес. Случајот со Алта банка е само еден симбол на суштината на владеењето на оваа власт„ рече Филипче.
Во тој контекст, тој ја отвори и улогата на Владата и на министерката за финансии во постапувањето со акциите на јавните институции во Стопанска банка Битола.
„Каква е врската на премиерот и министерката Кочовска со Алта банка Белград? Па, зарем тоа не е најдобар доказ на новиот сопственик да му овозможат зголемување на неговиот капитал?”, праша Филипче.
Тој нагласи дека во фокусот мора да бидат интересите на граѓаните и компаниите кои ги трпат последиците од случајот.
„Ние може да разговараме за сè што правела Алта банка, ама наша задача е да се занимаваме и да се грижиме за нашите граѓани”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.



