Утрински Весник
Македонија

Павловска најави нов протест против фемицидите на 25 ноември

Img 7570.jpeg

Нов протест против фемицидите ќе се одржи на 25 ноември, во рамките на меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, најави граѓанската активистка Анастасија Павловска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Таа порача дека активистите ќе продолжат со притисокот врз институциите за законски измени и поефикасна заштита на жртвите.

„Следните чекори се протест што го најавуваме за 25 ноември, кој ќе биде против фемицидите и ќе биде во склоп на 16 дена активизам против насилството врз жените“, изјави Павловска.


Покрај протестот, таа најави и бојкот на настаните што ќе ги организираат владините институции. Според неа, декларативното застапување на правата на жените нема тежина доколку институциите не ги исполнуваат своите обврски во заштитата на жртвите.

„Ќе правиме бојкот на сите настани што сакаат владините институции да ги одржуваат, бидејќи гледаме дека тие не си ја работат работата, а сега да ни рекламираат колку ги застапуваат правата на жените, децата и другите жртви на насилство – не ни треба тоа“, нагласи Павловска.

Меѓу клучните барања, како што посочи, остануваат законските измени, воведувањето електронски алки за следење на почитувањето на забраните за приближување и побрзото постапување на надлежните служби.

Павловска оцени дека напредокот треба да се мери преку навремената реакција на полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа. Според неа, овие институции мора да постапуваат навреме за да ги заштитат жртвите и да спречат нови трагедии.

Можете да прочитате

Михаилова тврди дека баба и била „киднапирана“ на граница, МВР вели дека разговорот траел два часа

Павловска за случајот во Богданци: Едномесечното отсуство од настава требало да биде сигнал за реакција

Павловска за фемицидите: Полицијата, социјалните служби и обвинителството недоволно се координираат