
Општина Чаир, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило”, ги интензивира активностите за проширување на урбаното зеленило и подобрување на јавните површини, со цел создавање почиста, позелена и поуредена средина за граѓаните.
Во рамките на овие активности, денес беа засадени нови дрвја пред објектот на Општина Чаир, додека долж улицата „Методија Митевски”, во Топанско Поле, беше извршено уредување и засадување зеленило во зелените појаси покрај коловозот. Текот на работите одблиску го проследија претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамед Муртези, и директорот на ЈП „Паркови и зеленило”, Муамер Сефери.
Овие интервенции се дел од континуираната институционална посветеност на одржувањето на постојното зеленило, проширувањето на зелените површини и подобрувањето на урбаниот изглед на Чаир.
Општина Чаир, во координација со надлежните јавни претпријатија, ќе продолжи со слични активности и на други локации, сметајќи ги озеленувањето и грижата за јавните површини за важен дел од урбаниот развој и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.


