
Американскиот претседател Доналд Трамп и НАСА вчера најавија планови за нова конференција на вселенската и авиоиндустријата во Соединетите Американски Држави со намера да ги надминат големите воздушни саеми во другите земји ширум светот.
Настанот наречен „КејпВик“ (CapeWeek) се очекува да се одржи во Вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, а да почне за две години, изјави Трамп во својот говор.
Лансирањето на „КејпВик“ е најавено како алтернатива на слични собири во странство, а доаѓа откако Белата куќа во септември ги повика вселенските компании да избегнуваат учество на високопрофилираниот глобален вселенски самит истиот месец во Париз, кој беше организиран од францускиот претседател Емануел Макрон.
Целта на ваквиот нов американски саем е промовирање на американската моќ во вселената и аеронаутиката, како и привлекување на глобалниот бизнис.
Со тоа исто така би се надополнила богатата низа глобални конференции на авиоиндустријата кои вклучуваат и големи саеми во Париз, Фарнборо во Англија и Дубаи, кои привлекуваат илјадници раководители, владини функционери и инженери.



