
Лекувањето и рехабилитацијата на повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжуваат и по завршувањето на првичното болничко лекување. Во соработка со хируршки тим од израелскиот медицински центар „Шеба“ од Тел Авив, македонските лекари извршиле вкупно 16 хируршки интервенции и 24 специјалистички прегледи, со цел подобрување на функционалноста и подвижноста на повредените делови од телото.
Информациите ги соопшти министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција, на која беа презентирани резултатите од посетата на израелските специјалисти и понатамошните планови за здравствена грижа за повредените.
Од вкупно 16 пациенти кај кои биле извршени операции, десет се мажи, а шест се жени. Шест хируршки интервенции биле реализирани на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, каде што биле извршени и петте најсложени операции. Останатите десет интервенции биле направени во Општата болница во Кочани.
Главниот фокус на хируршките тимови бил насочен кон лекување на последиците од тешките изгореници, особено во пределот на шаките и рацете, со цел враќање на нивната функционалност и подобрување на квалитетот на животот на пациентите.
Интервенциите опфатиле отстранување и ревизија на лузни, ослободување на контрактури, односно затегнувања на ткивата што го ограничуваат движењето, како и примена на хируршката техника Z-пластика и трансплантација на кожа со полна дебелина.
Овие процедури се особено значајни за пациентите кај кои последиците од изгорениците довеле до ограничена подвижност на прстите, шаките и рацете, што може да го отежнува извршувањето на секојдневните активности.
Министерот Клековски нагласи дека грижата за повредените во Кочани претставува долгорочна обврска на здравствениот систем и дека институциите ќе продолжат да обезбедуваат неопходни медицински третмани, контроли и рехабилитација.
„Здравствените власти се тука на долги патеки. Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација. Им благодарам на колегите од медицинскиот центар „Шеба“. Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа со нас и веднаш по трагедијата, а сега се вратија за да продолжат да помагаат“, изјави Клековски.
Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, информираше дека пациентите што биле оперирани во Скопје ќе продолжат да бидат под редовен медицински надзор, со цел следење на постоперативното закрепнување и навремено утврдување на потребата од дополнителни интервенции.
Истовремено, директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катерина Мирчовска, посочи дека пациентите кај кои операциите биле извршени во Кочани ќе можат да ги продолжат контролите во близина на местото на живеење, со што се олеснува пристапот до здравствената заштита.
Во координацијата на целокупниот процес е вклучена и посебна работна група на Министерството за здравство. Д-р Гордана Георгиева објасни дека групата работи на усогласување на активностите поврзани со потребите на секој повреден пациент, почнувајќи од категоризацијата на повредите, па сè до подготовката на индивидуални планови за понатамошна рехабилитација.
Според презентираните информации, здравствената грижа ќе продолжи преку редовно следење на состојбата на пациентите, дополнителни хируршки зафати таму каде што ќе бидат потребни и соодветни рехабилитациски третмани.
Клековски истакна дека соработката со израелските хирурзи има двојно значење – од една страна, повредените добиваат пристап до високоспецијализирана медицинска помош, а од друга, македонските лекари имаат можност да стекнат нови знаења и дополнително практично искуство во лекувањето на сложени последици од изгореници.
Со оваа соработка, според министерот, се зајакнуваат капацитетите на домашниот здравствен систем за лекување и долгорочна рехабилитација на пациенти со тешки повреди.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани остави голем број повредени лица, од кои дел и понатаму се соочуваат со последиците од тешките изгореници. Нивното закрепнување претставува долготраен процес што, покрај хируршките интервенции, бара континуирана медицинска грижа, физикална терапија и рехабилитација.
Последните интервенции се дел од продолжените напори за подобрување на здравствената состојба и секојдневното функционирање на повредените, со порака од надлежните дека нивното лекување и поддршка остануваат приоритет.


