Утрински Весник
Скопје

Левица: Град Скопје ја прифати нашата иницијатива младите брачни парови да бидат ослободени од делот на надоместокот за уредување на градежното земјиште

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Град Скопје ја прифати иницијативата на советничката група на Левица, за ослободување на младите брачни парови од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот, при изградба на нивната прва семејна куќа.


Со оваа иницијатива, Левица предлага конкретна локална мерка за намалување на финансискиот товар врз младите брачни парови и олеснување на пристапот до сопствен дом, во услови кога високите трошоци за градежно земјиште, материјали, работна сила и административни давачки го прават решавањето на станбеното прашање сè потешко.

Предложеното ослободување се однесува на делот од надоместокот што претставува приход на Град Скопје, без да се задира во делот што законски му припаѓа на општината на чија територија се наоѓа градежната парцела.

Мерката е наменета за брачни парови кај кои двајцата сопружници немаат друга станбена недвижност соодветна за нивно домување и кои градат прва семејна куќа за сопствени потреби.

„Создавањето семејство и обезбедувањето сопствен дом не смеат да бидат привилегија достапна само за оние со високи примања или наследен имот. Локалната самоуправа има обврска да креира политики кои ќе им помогнат на младите луѓе да создаваат семејство, да градат сопствен дом и својата иднина да ја гледаат во Скопје”, се наведува во образложението на иницијативата.

Со прифаќањето на иницијативата се отвора можност за воспоставување конкретна локална мерка за поддршка на младите семејства, која ќе придонесе кон намалување на почетните трошоци за изградба на сопствен дом, поттикнување на младите да останат во Скопје и создавање подобри услови за формирање и проширување на семејствата.

Левица останува посветена на креирање политики што ги ставаат потребите на граѓаните во прв план и на застапување мерки кои нудат конкретна и директна поддршка за младите, наместо декларативни ветувања.

Можете да прочитате

Ѓорѓиевски: 3.500 нови садници во Скопје – 6.000 до крајот на сезоната

Скопје се подготвува за нов јавен превоз: 100 еколошки автобуси и БРТ

Општина Гази Баба: Бесплатен офталмолошки скрининг за сите ученици во општинските основни училишта