Утрински Весник
Македонија

Македонската економија ќе забави во 2027 година, прогнозира Светска банка

Screenshot 2026 10 27 172948.jpg

Македонската економија се очекува да забележи раст од 3,2 отсто во 2026 година, додека во 2027 и 2028 година растот ќе се забави на 3 отсто, покажуваат најновите прогнози на Светската банка, објавени денеска во Редовниот економски извештај за Западен Балкан.

Според извештајот, Светската банка ја подобрила прогнозата за економскиот раст на Македонија за 2026 година за 0,3 процентни поени во однос на пролетните проекции.


За споредба, во 2025 година македонската економија, според проценките на Светската банка, остварила раст од 3,5 отсто, што значи дека годинава се очекува благо забавување на економската активност.

На регионално ниво, економскиот раст на шесте земји од Западен Балкан се очекува да достигне 3,1 отсто во 2026 година, наспроти 2,6 отсто во 2025 година. Во 2027 и 2028 година се прогнозира дополнително забрзување на 3,4 отсто.

Според прогнозите за 2026 година, највисок економски раст се очекува во Косово, од 3,6 отсто, по што следуваат Албанија со 3,4 отсто, Црна Гора со 3,3 отсто, Македонија со 3,2 отсто, Србија со 3,1 отсто и Босна и Херцеговина со 2,4 отсто.

Прогнози за економскиот раст во 2026 година

Процентуален поенРазлики одПролет 2026Проекции 
2023 2024 2025e 2026f 2027f 2028f   2026f 2027f 2028f
Раст на реалниот БДП (процент)                  
Албанија 4.0 4.0 3.7 3.4 3.6 3.7   0.0 -0.1 0.1
Босна и Херцеговина 2.0 3.2 2.1 2.4 2.9 3.1   -0.1 -0.1 -0.1
Косово 4.1 4.6 3.6 3.6 3.8 3.9   -0.1 -0.1 -0.1
Црна Гора 6.5 3.2 2.7 3.3 3.0 3.1   0.4 -0.1 0.0
Северна Македонија 2.6 3.0 3.5 3.2 3.0 3.0   0.3 0.0 0.0
Србија 3.8 3.9 2.0 3.1 3.7 3.5   0.4 0.7 -0.5
Шест на Западен Балкан 3.5 3.7 2.6 3.1 3.4 3.4   0.3 0.2 -0.3

Извор: Светска банка, октомври 2026 година

Од Светската банка посочуваат дека економиите на Западен Балкан покажале отпорност на глобалните економски шокови, но предупредуваат дека за побрзо приближување кон животниот стандард на Европската Унија се неопходни дополнителни реформи.

„Во време на зголемена геополитичка неизвесност и слаб раст меѓу клучните трговски партнери, Западен Балкан повторно покажа економска отпорност“, изјави Сјаоќинг Ју, директор на Светската банка за Западен Балкан.

Таа нагласи дека економската отпорност сама по себе не е доволна за создавање квалитетни работни места и приближување кон просечните приходи во Европската Унија.

Според Светската банка, еден од најголемите предизвици за компаниите во регионот се високите трговски трошоци и административните пречки.

Просечните царини за увоз на стоки во Западен Балкан изнесуваат околу 6 отсто, додека нетарифните мерки создаваат дополнителни трошоци од околу 10 отсто. Во одредени земјоделско-прехранбени сектори тие надминуваат 20 отсто.

Ограничувањата во прекуграничната трговија со услуги создаваат уште поголеми трошоци, проценети на 29 отсто.

Анализите на Светската банка покажуваат дека отстранувањето на половина од преостанатите пречки за увоз, вклучително и сложените процедури за лиценцирање, повторените инспекции и барањата за сертификација, би можело да го зголеми бруто-домашниот производ до 12,5 отсто на среден рок.

Во извештајот се посочува и дека компаниите од Западен Балкан се соочуваат со сериозни тешкотии при настапот на странските пазари.

Само околу една третина од новите извозни активности успеваат да опстанат по првата година, додека само меѓу 1 и 4 отсто опстојуваат до петтата година.

Ова има директно влијание врз вработувањето, бидејќи компаниите што учествуваат во меѓународната трговија вработуваат најголем дел од работниците во производствениот сектор и вообичаено исплаќаат повисоки плати од компаниите ориентирани исклучиво кон домашниот пазар.

Светската банка препорачува поедноставување и дигитализација на административните процедури, подобрување на регулативата, меѓусебно признавање на стандардите и квалификациите и отстранување на непотребните трговски бариери.

Според институцијата, ваквите реформи се клучни за зголемување на конкурентноста на компаниите, привлекување нови инвестиции и создавање подобро платени работни места во земјите од Западен Балкан.

Можете да прочитате

АХВ ја користи службената страница за да си го фали директорот и градоначалникот?

Клековски на Регионалниот комитет на СЗО во Копенхаген: Превенцијата и дигиталното здравство се меѓу македонските приоритети

Митева: Владата формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите