
Пријавувањето за првото издание на CENTAR NIGHT RUN завршува утре, 28 октомври, во 23:59 часот. Ноќната урбана трка ќе се одржи на 7 ноември 2026 година, низ Дебар Маало и улиците на Центар, со две дистанци – 5 километри и полумаратон од 21 километар.
Досега се пријавени учесници од Скопје, Тетово, Пробиштип, Куманово, Кочани, Прилеп, Штип, Охрид, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Ресен, Македонски Брод, Струга, Берово, Крушево, Велес и Демир Хисар. Трката привлекува и меѓународни учесници, со пријавени тркачи од Босна и Херцеговина, Косово, Чешка, Германија, Словачка, Русија, Турција и Италија.
Со две дистанци, CENTAR NIGHT RUN е наменет и за рекреативците кои сакаат да бидат дел од новото градско искуство и за поискусните тркачи подготвени за поголем предизвик.
Од стартот во Дебар Маало, патеката води по „Орце Николов“ кон „Франклин Рузвелт“, продолжува по булеварот „Партизански одреди“ и повторно се враќа низ маалските улици до целта. Трката на 5К се трча во еден круг, додека учесниците на полумаратонот ќе ја поминат патеката во четири круга. Стартот на полумаратонот на 21К е во 18:00 часот, додека трката на 5К стартува во 19:30 часот.
Трчањето ќе се одвива во вечерните часови, кога Центар и Дебар Маало добиваат поинаква енергија, опкружени со публика и урбана атмосфера. Идејата е CENTAR NIGHT RUN да биде повеќе од трка и да создаде ново место за средба на тркачката заедница, рекреативците, компаниите, семејствата и сите кои сакаат активен градски живот.
За најдобрите учесници е обезбеден награден фонд во машка и женска конкуренција на двете дистанци. На 21К, наградите изнесуваат 20.000 денари за прво место, 15.000 денари за второ и 10.000 денари за трето место, додека на 5К, наградите се 12.000 денари за прво место, 9.000 денари за второ и 6.000 денари за трето место.
CENTAR NIGHT RUN е во организација на Прв до Врв, со поддршка на Општина Центар, со амбиција да прерасне во нова препознатлива спортска и урбана традиција во Скопје.

Сите заинтересирани можат да се пријават на www.prvdovrv.mk/centarrun, најдоцна до утре, 28 октомври, во 23:59 часот.


