
Соопштение за јавност на Левица:

Утре во Собранието на Република Македонија ќе се разгледува Интерпелацијата на Левица за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Зад оваа Интерпелација стои целокупна политика во која државниот енергетски систем се задолжува, приватните монополи профитираат, јавните ресурси се оставаат без заштита, а граѓаните ја плаќаат сметката.
Под раководство на Божиновска, ЕСМ се турка во нови задолжувања, додека произведената струја се продава под производната цена. Во исто време, фирмите под капата на ЕВН остваруваат десетици милиони евра профит, а граѓаните плаќаат сè повисоки сметки за струја и парно, поскапо гориво и мрежни трошоци.
Додека ЕСМ финансиски се ослабува, се отвора и пат за дополнително слабеење на државната сопственост во енергетиката. Новата законска рамка го заменува поимот „државно производство” со поширокото „домашно производство”, додека Министерството нема јасен одговор ниту што се случува со државниот пакет од 10% акции во ЕВН Македонија.
Паралелно, ЕСМ склучува милионски договори со приватни фирми – меѓу нив и две рамковни спогодби со „Топлина” за речиси 2 милијарди денари, со само еден понудувач – додека државата увезува три милиони тони јаглен од Обилиќ и покрај неискористените домашни наоѓалишта и железничката инфраструктура.
Во обновливите извори владее институционален хаос: над 1.040 производители имаат лиценци, а Министерството евидентира само 525; контролите на терен се минимални, а три електроцентрали добиле дозволи спротивно на законските надлежности. За ХЕЦ Чебрен во буџетите за 2025 и 2026 година нема средства за отпочнување на изградбата, додека најдобрите локации за ветерна енергија се отстапуваат на странски инвеститори без јавно објавени финансиски договори.
Кај рударството, Божиновска прифаќа државата да го преземе ризикот, додека концесионерите го земаат профитот. Кај САСА, трошоците за затворање и постзатворски мониторинг се проценети на 61 милиони долари, а банкарската гаранција што ја прифатила државата изнесува само 400.000 долари – над 150 пати помалку од реалниот финансиски ризик!
Доколку концесионерот се повлече или отиде во стечај, санацијата на милионите тони токсична јаловина ќе падне на товар на граѓаните. А наместо да го решава овој ризик, Министерството нема ниту јасен долгорочен план за јаловиштата во Тораница, Бучим и Злетово, додека Владата молчи и за Иловица-Штука, и покрај долгогодишното противење на локалното население.
И кога пратениците и јавноста бараат одговори, Божиновска крие информации. Министерството го крие дури и Меморандумот за соработка во енергетиката потпишан во Вашингтон, а министерката на барањето за увид од пратеник одговара дека допрва ќе утврдува дали веќе потпишан документ е доверлив. Во меѓувреме, реалните проблеми на работниците во рударството и граѓаните кои се соочуваат со високи сметки се заменети со ПР-фасада, генерички соопштенија и живот во „дигитален балон”.
А за граѓаните, сите овие „политики” имаат многу конкретна цена: повисоки сметки, поскапо гориво, задолжена државна енергетика, загадување и ризик да ја плаќаат санацијата на приватниот профит.
Затоа, утре Левица ќе бара Сања Божиновска да понесе политичка одговорност за своето катастрофално работење.

