
Соопштение за јавност на Левица:

На денешната прес-конференција, генералниот секретар на Црвена Младина, Марија Ванчева, посочи дека Министерството за образование и наука, предводено од министерката Весна Јаневска, продолжува да го оневозможува остварувањето на законското право на студентски оброк.
Ванчева открива дека, откако група студенти поднесоа приговор со барање да се почитува законски предвидениот износ и да им биде надоместена финансиската штета настаната поради неусогласувањето на оброкот, МОН одговори со паушален одговор, наместо да донесе управен акт со кој суштински ќе одлучи по барањето.
Со ваквиот пристап, Јаневска избегнува да се соочи со суштината на приговорот и продолжува да го одржува студентскиот оброк на износ од 140 денари, и покрај барањето на студентите да се испочитува законската обврска. Наместо аргументирано да одлучи за барањето и да ја преземе одговорноста за постапувањето на институцијата, МОН избира административно одбегнување на проблемот.
Студентскиот оброк не е привилегија што министерката може да ја доделува по сопствена волја, туку законско лично право на секој студент. Ниту министерката, ниту студентските организации што таа ги претпочита, ниту која било друга група не можат да одлучуваат во име на сите студенти дали ќе ги остварат правата што им следуваат со закон.
Правото на секој студент мора да се почитува поединечно, а не да се релативизира преку договори и ставови на избрани претставници.
Затоа, најавуваме тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител, со цел да се испита постапувањето на МОН и да се заштитат законските права на студентите.

Црвена младина нема да дозволи законските права на студентите да зависат од волјата на министерката. Кога институциите одбиваат да постапуваат согласно законот, студентите имаат право да побараат заштита пред надлежните органи. Законот важи за сите, а студентските права не се предмет на политичка самоволност.

