Утрински Весник
Македонија

Петровска: Нема разлика во цената на хеликоптерите, Мисајловски избегнува соочување

Img 6520.jpeg

Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска ги отфрли обвинувањата за наводни неправилности при набавката на хеликоптерите „Леонардо“, тврдејќи дека нема разлика во цената на договорот и дека постапката била заснована на стручни анализи и обемна документација.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петровска го обвини актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски дека погрешно ги претставува информациите за набавката и дека избегнува јавно соочување со неа.


„Мисајловски една година бега од телевизиско соочување со мене. Сум го повикувала и на телевизија и на говорница во Собранието, сум поставувала пратенички прашања на кои не ми одговорил“, изјави Петровска.

Таа посочи дека за разбирање на постапката е неопходно да се направи разлика меѓу информациите добиени при првичното истражување на пазарот и конечната финансиска понуда врз која се склучува договор.

„Разлика во цената нема. Оваа набавка има историја, започнува во 2017 година, со анализа направена во Генералштабот на Армијата“, истакна Петровска.

Според нејзиното објаснување, анализата укажала на недостиг од хеликоптерски капацитети, по што независен стручен тим ги утврдил оперативните потреби на Армијата. Врз таа основа се разгледувале можностите за набавка на нови хеликоптери.

Петровска нагласи дека во фазата на анализа на пазарот производителите доставувале податоци за техничките карактеристики и можностите на хеликоптерите. Како што објасни, тие информации не претставувале конечни понуди за склучување договор и не треба да се изедначуваат со нив.

Таа се осврна и на промените на цените на воената опрема на меѓународниот пазар, посочувајќи го како пример поскапувањето на муницијата по почетокот на војната во Украина.

Во одбрана на постапката, Петровска наведе дека Министерството за одбрана располага со документација во која се содржани деталите за набавката.

„Во Министерството за одбрана има документација од повеќе од 500 страници за сето ова што го зборувам“, нагласи таа.

Можете да прочитате

Цветаноски: Ниту еден месец не издржа студентскиот „Стив Наумов”- влага по реконструкцијата од 10 милиони

Левица: Не постои национално ослободување без економско ослободување

Приведени две лица во угостителски објект во Тетово, при акциска контрола пронајдена дрога