
Само еден месец по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, студентите се соочуваат со сериозни проблеми во условите за живеење. Во дел од просториите се појавила влага, а водата почнала да продира и во студентските соби, објави „Студентарија“.
Според сведоштвата на студентите, проблемот бил пријавен уште при појавата на првите знаци на влага, но, како што тврдат, надлежните не реагирале навремено. Во меѓувреме состојбата дополнително се влошила, а протекувањето станало сè поизразено.
Покрај проблемите со влагата и водата, студентите се жалат и на недостиг на греење, како и на неисправни ролетни. Според нив, дел од овие недостатоци биле пријавени уште при вселувањето, но сè уште не се отстранети.
Особено загрижува фактот што станува збор за студентски дом кој неодамна беше реконструиран и претставен како објект што треба да обезбеди современи и квалитетни услови за сместување.
Домот „Стив Наумов“ беше пуштен во употреба во септември, по реконструкцијата која Министерството за образование и наука ја најавуваше како темелна. За обновата беа предвидени околу 10 милиони евра, а според најавите, градежните активности опфаќале и целосна замена на инсталациите.
Сега, само неколку недели по вселувањето, студентите се прашуваат како е можно во штотуку реновиран објект да се појават вакви проблеми.
Тие бараат надлежните институции итно да реагираат, да ги утврдат причините за протекувањето и да обезбедат нормални услови за престој.
Случајот отвора и прашања за квалитетот на изведените градежни работи и контролата на реконструкцијата, особено имајќи ја предвид вредноста на инвестицијата.

Засега, во доставените информации нема наведено официјално објаснување од надлежните за причините за проблемите.


