Утрински Весник
Македонија

Левица: 10 милиони евра за фушерај – „Стив Наумов” веќе се распаѓа со водени ѕидови, расипано парно, пукнати цевки и мизерна храна

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица;

Во јавноста излегоа фотографии од „реновираниот” студентски дом „Стив Наумов” на кои се гледа како вода протекува низ ѕидовите по најмалиот дожд. Неполн месец по вселувањето, „врвните европски стандарди” на Јаневска веќе се распаѓаат пред очите на студентите. Ова е сликата на која Владата треба да одговори – не свечените отворања и церемонијалните прес-конференции, туку водата што им тече низ ѕидовите на студентите во нивниот НОВ ДОМ.  

Дополнително, до Левица пристигнуваат информации дека во домот нема парно, од чешмите на студентите им тече кал, дел од домот на периоди останува без струја, интернетот е слаб, а веќе пукнале и цевки. Проблемите не завршуваат со инфраструктурата – студентите се жалат и на мизерната исхрана.

За реконструкцијата на „Стив Наумов” беа издвоени околу 10 милиони евра. Проектот се најавуваше и се подготвуваше со години, а реконструкцијата траеше повеќе од две години. Јаневска со месеци го претставуваше проектот како голем успех на Владата и гаранција за нов студентски стандард. Еве го резултатот на неспособноста на ДПМНЕ: милиони евра јавни пари, години реконструкција и дом кој неполн месец по вселувањето се соочува со вода, дефекти, проблеми со греењето, струјата и водата за пиење.

Студентите во оваа држава се фрлени на маргините. Од нив се очекува да останат, да се образуваат и еден ден да ја градат Македонија, а државата им нуди супстандардни услови за живот, ниски студентски примања, поскапено образование и трошоци за живот што постојано растат. Не е никаква мистерија зошто младите сакаат да си заминат. ДПМНЕ и СДСМ со години им покажува дека нивната иднина треба да ја бараат некаде на друго место – во држави каде што нивниот труд, образование и достоинство се вреднуваат повеќе.

Левица бара веднаш да се санираат сите проблеми во „Стив Наумов” и студентите да добијат услови достојни за нормален живот и студирање. Воедно, бараме целосна одговорност за квалитетот на изведената реконструкција, за надзорот и за начинот на кој се потрошени милиони евра државни пари.

Можете да прочитате

Повредено лице чекало помош, но Итната помош не испратила екипа – кривични пријави за двајца вработени во Тетово

Вознемирувачки случај во скопски автобус: Маж допирал малолетничка по телото, мајката пријавила во полиција

Хаос во обложувалница во Аеродром: Тројца скопјани се степале, кршеле шишиња и чаши