Утрински Весник
Македонија

Административците со две последователни негативни оценки ќе останат без работа

Screenshot 2026 10 19 170221.jpg

Административните службеници кои две години по ред ќе добијат најниска оценка за својата работа ќе останат без работно место по сила на закон. Ова е една од клучните новини во законските измени што Собранието ги усвои по скратена постапка, со кои се менуваат правилата за унапредување, оценување и дисциплинска одговорност во државната администрација.

Според новите решенија, работниот однос на административен службеник ќе престане доколку две последователни години биде оценет со „1 – не задоволува“.


Со измените се укинува и можноста за унапредување без објавување интерен оглас. Целта, според предлагачите, е да се обезбедат еднакви можности за сите вработени и напредување врз основа на професионалните способности и резултатите од работата.

Новите законски решенија предвидуваат и побрзо и поекономично спроведување на постапките, без неоправдани одолговлекувања, при што се задржува правото на жалба.

Дополнително, се уредува статусот на вработените во собраниската служба и во регулаторните тела, со цел нивните права и обврски да се усогласат со статусот на другите посебни државни службеници.

Законските измени, сепак, предизвикаа политичка расправа меѓу власта и опозицијата.

Од СДСМ не ги поддржаа измените, предупредувајќи дека одредбите за оценување, преместување и дисциплинска одговорност можат да се злоупотребат за политички притисоци врз вработените во администрацијата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, обвини дека владејачкото мнозинство претходно ја укинало независноста на собраниската служба, а сега повторно воведува решенија што веќе постоеле.

„Луѓето во Собранието го имаа ова пред шест години како право и го има од 2020 година до 2024 година, додека ВМРО-ДПМНЕ не дојде на власт. И се сеќавате дека тоа го укинаа како право“, рече Спасовски.

Тој нагласи дека собраниската служба мора да биде независна, но изрази загриженост дека преку други законски одредби може да се создаде простор за политичко влијание врз нејзиното работење.

„Собраниската служба треба да има независност и тука нема дилема, но собраниската служба не може преку други одредби таа независност да ја губи и на директен начин да се врши собраниски притисок, политички, којшто го има“, истакна Спасовски.

Од друга страна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ги бранеше измените, оценувајќи дека со нив се исправуваат недостатоци што не биле отстранети во периодот на претходната власт.

„Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа“, рече Мицевски, критикувајќи ја СДСМ дека во периодот од 2019 до 2024 година не ги решила посочените проблеми.

Со усвоените измени се воведуваат нови правила за напредување и оценување на административните службеници, додека прашањето за можните злоупотреби на системот за оценување останува една од главните точки на несогласување меѓу власта и опозицијата.

Можете да прочитате

Македонскиот бизнисмен Никола Андреевски на вечера со американскиот претседател Доналд Трамп

Мајка од Тетово ја тепала малолетната ќерка, а десетмесечното бебе го оставала само

Малолетник нападнал друг малолетник со тврд предмет во Ѓорче Петров