Утрински Весник
Економија

Развојните банки обединуваат сили за критичните суровини: поддршка од ископ до рециклирање

Rudnik ilovica.jpg

Шест мултилатерални развојни банки воспоставија нова рамка за соработка со која ќе ја засилат заедничката поддршка за снабдувањето со критични суровини. Иницијативата ги опфаќа сите фази од синџирот на вредност – од ископот на руда и преработката до производството и рециклирањето.

Во иницијативата учествуваат Светската банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка, Интерамериканската банка за развој, Азиската банка за развој и Африканската банка за развој.


Покрај поддршката за развојот на секторот, банките најавуваат и поинтензивна соработка во однос на еколошките и социјалните барања што се применуваат во индустриите поврзани со металите и минералите, со посебен фокус на рударството.

Целта е да се утврдат области во кои е можно поголемо усогласување на пристапите, да се промовираат добри меѓународни индустриски практики и да се поттикне размената на искуства во рамките на постојните институционални можности.

За Северна Македонија, оваа тема е особено релевантна поради присуството на ЕБОР преку инвестицијата во проектот за бакар Иловица. Новата рамка ја става поддршката за критичните суровини во поширок меѓународен контекст, во кој се поврзуваат економскиот развој, индустриските потреби и примената на еколошки и социјални стандарди.
Инаку, една од развојните банки е веќе присутна со свој удел во рударски проект во Македонија. Станува збор за инвестицијата во проектот за бакар „Иловица-Штука“, кој започнува во 2004 година со геолошки истражувања. Како што тогаш соопшти инвеститорот, проектот е дизајниран како модерен рудник кој ги имплементира принципите на Агендата на ОН 2030 за одржлив развој, а вклученоста на Европската банка за обнова и развој (EBRD), означува дека се имплементираат строгите критериуми за изведба, кои вклучуваат еколошка и социјална оддговорност, одржливи практики и ангажман на сите засегнатите страни. Проектот тежи околу 350 милиони евра и беше најавен како најголема гринфилд инвестиција во Македонија.

Шесте светски развојни банки пак, истакнаа дека нивната соработка може да вклучува и техничка размена и идентификување на соодветни практики во рударството, преработката и производството што се однесуваат на животната средина, здравјето и безбедноста. Банките ќе работат заедно и за да се справат со ризиците и финансиските ограничувања што ги попречуваат инвестициите за геолошките истражувања, екстракцијата, преработката, рафинирањето, производството и рециклирањето.

„Препознавајќи ја меѓусебната зависност на рударските проекти кои се економски исплатливи, како и инфраструктурата и вредносните синџири што тие ги поддржуваат, мултинационалните банки ќе идентификуваат можности за заедничка подготовка, паралелно финансирање, кофинансирање, банкарски гаранции и координирана техничка помош каде што соработката може да го подобри обемот, исплатливоста или влијанието врз развојот на проектот“, истакнуваат шесте развојни банки.

Претходно, претседателот на Светската банка, Аџај Банга, најави дека има цел за зголемување на финансирањето за критични минерали петкратно. Односно,  сума од 19 милијарди долари во текот на фискалниот период 2026-2030, за разлика од претходните 3,6 милијарди долари за периодот 2021-2025. Банката веќе идентификувала 20 земји-партнери и потпишала договори за соработка, во партнерство со мултилатерални развојни банки.

„Во однос на критичните минерали, планираме да ги зголемиме нашите бизниси петкратно во текот на наредните пет години. Оваа недела ги започнавме нашите први договори за соработка со земјите-партнери, во партнерство со мултилатералните развојни банки – со цел да се изградат локални индустрии и да се задржат повеќе работни места во земјите. Ова ќе им помогне на земјите во развој да остварат поголема вредност од ресурсите што се клучни за глобалната енергетска транзиција“, изјави претседателот на Светска банка, Банга.

Јасната насока кон критичните минерали е резултат на пошироките геополитички ризици поврзани со безбедноста на синџирите на снабдување со материјалите што се користат во електричните возила, батериите и инфраструктурата за обновливи извори на енергија. Кина моментално доминира во голем дел од глобалните капацитети за преработка на овие минерали, а Соединетите Држави работат на диверзификација на снабдувањето.

Можете да прочитате

ИСТРАЖУВАЊЕ НА EOS МАТРИХ ОТКРИВА: Расте бројот на лица на кои им е потребна поддршка за да ги исплатат долговите

Од полноќ поевтин бензин и поскап дизел

Над 50 милиони евра повеќе странски инвестиции: Македонија ја потврдува својата индустриска перспектива