Утрински Весник
Македонија

ДИК: Радически освои 2.943 гласа во Брвеница, излезеноста 46,56 отсто

20261018215507 big 730x400 63.webp.webp

На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница гласале 7.565 граѓани, односно 46,56 отсто од вкупно запишаните 16.256 избирачи. Според првичните резултати добиени по електронски пат, Стојанчо Радически, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, освоил 2.943 гласа, односно 38,9 отсто.

Ова го соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, на прес-конференција по затворањето на избирачките места во Општина Брвеница.


Маричиќ информираше дека сите 24 избирачки места биле затворени навреме, во 19 часот, а гласањето во текот на денот се одвивало непречено.

„Во текот на денот гласањето се одвиваше во најдобар ред и граѓаните непречено го остварија своето право на глас. Во 19 часот сите 24 избирачки места беа навремено затворени, а до Државната изборна комисија сè уште не е пристигната пријава за евентуални неправилности или проблеми кои би влијаеле на изборниот процес“, изјави Маричиќ.

Тој соопшти дека 10 граѓани поднеле приговори до Општинската изборна комисија за заштита на своето избирачко право. Четири приговори биле усвоени, а шест биле одбиени како неосновани.

Според првичните резултати, второпласиран е Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција со 2.152 гласа, односно 28,45 отсто.

На третото место е Јакуп Хусеини од коалицијата ВЛЕН со 1.528 гласа или 20,2 отсто од гласовите.

Јовица Радески, кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, освоил 706 гласа, односно 9,33 отсто.

Независниот кандидат Душан Богдановски добил 55 гласа или 0,73 отсто, додека Арифе Идризи, исто така независен кандидат, освоила 21 глас.

Од вкупно 7.565 гласачи, 160 гласачки ливчиња биле неважечки, додека сите останати биле важечки, соопшти Маричиќ.

Тој потсети дека, согласно Изборниот законик, подносителите на листите на кандидати имаат право да поднесат приговор до ДИК за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно најдоцна до вторник, 20 октомври, до 19 часот.

ДИК е должна да донесе одлука по приговорот во рок од 72 часа од неговиот прием. Против одлуката на Комисијата може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, а Судот треба да одлучи во рок од 48 часа од приемот на тужбата.

Маричиќ најави дека конечните резултати ќе бидат објавени по завршувањето на постапката по приговорите. Во текот на вечерта во ДИК се очекувало да пристигнат записниците од избирачките места и од Општинската изборна комисија, врз основа на кои во текот на утрешниот ден треба да бидат објавени првичните официјални резултати.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ со најмногу гласови во Брвеница – Радичевски освои 2.943 гласа

Мицкоски: СДСМ во Брвеница е декласиран од граѓаните

СДСМ: Пад на гласовите на ВМРО и раст на гласовите на СДСМ за 46%