Утрински Весник
Македонија

ЕУ ги поедноставува дозволите за рудници, Иловица повеќе од две децении чека реализација

Rudnik ilovica.jpg

Европската Унија најавува нов чекор во поддршката на инвестициите во критични минерали. Европската комисија планира до крајот на 2026 година да го објави третиот повик за стратешки проекти, а земјите членки ќе продолжат да им помагаат на инвеститорите преку единствени контакт-точки и поедноставени постапки.

Директивата за критични суровини предвидува постапката за издавање дозволи за експлоатација да не надминува 27 месеци, додека за другите видови проекти рокот е 15 месеци, согласно применливите европски и национални правила.


Овој пристап е особено актуелен за Македонија, каде што проектот за бакар во Иловица сè уште не е реализиран, иако дозволата за геолошки истражувања е издадена во 2004 година. По повеќе од 22 години, проектот останува неискористен инвестиционен потенцијал.

Истражувањата покажале можност за просечно годишно производство до 16.000 тони бакар, а животниот век на рудникот е проценет на 23 години. Реализацијата на проектот затоа останува важна тема во пошироката дискусија за привлекување инвестиции, развој на рударството и искористување на минералните ресурси во земјата.

Инаку, како што додаваат од Брисел, стратешките проекти за критични минерали мора да бидат во согласност со важечкото законодавство на ЕУ и националното законодавство во областа на животната средина. Побрзото издавање дозволи има за цел да ги направи постапките поефикасни и попредвидливи, а не да ги намали еколошките или социјалните стандарди, бидејќи тие се исто така дел од критериумите што се користат за проценка на проектите за добивање статус на стратешки проект. Од Комисијата информираат и дека активно се работи на основањето на единствен Центар за критични минерали на Европската Унија.

„Ги утврдуваме подготвителните работи за Центарот за управување со ресурси на ЕУ. Комисијата ќе соработува со ко-законодавците за најдобро да го дефинира потребниот правен мандат за функциите што ќе ги извршува Центарот, вклучително и неговата улога во поддршката на стратешки проекти, складирањето, финансирањето и анализата на синџирот на снабдување. Како што претходно најави претседателката Фон дер Лајен, Европската корпорација за критични суровини ќе ги здружи јавните и приватните инвестиции, придонесувајќи за оперативниот капацитет што му е потребен на Центарот за да ги постигне целите на ЕУ за безбедност на снабдувањето, диверзификација и поддршка на критичните индустрии“, соопштија од Комисијата.

Веста дека ЕУ ќе објави трет повик за стратешки проекти за критични минерали, беше објавена веднаш штом беа избрани 46-те проекти од вториот повик, па сега севкупно се 106. Ваквите активности ги поздрави и Европската асоцијација за рударската индустрија.

„Патот кон европската автономија е поплочен со критични суровини. За да ја обезбедиме нашата иднина, мораме да ги усогласиме нашите еколошки амбиции со практична посветеност на домашното производство и поедноставени инвестициски процеси“, изјави Ролф Куби, генерален директор на „Еуромајнс“.

Во соопштението од ЕК се заклучува дека Унијата не може, ниту пак има за цел, дома да ги произведува сите суровини што ѝ се потребни – „увозот и понатаму ќе претставува важен дел од снабдувањето на Европа“. Според нив, целта е да се зголемат европските капацитети, да се диверзифицираат изворите на снабдување и да се намали прекумерната зависност од поединечни добавувачи.

Можете да прочитате

Директорот на БЈБ Јанев во работна посета на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје

Сиљановска-Давкова: Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем

ЛДП: Михаилова ни докажа дека во владата го изгубиле огледалото – ќе има ребаланс, па да им купиме едно за да се погледнат самите себе!