Утрински Весник
Балкан

Бериша повика на бојкот на наставата и ги побара средношколците да им се приклучат на студентите на протестите

Berisha.webp.webp

Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, денеска ги повика средношколците низ Албанија да ја бојкотираат наставата во знак на солидарност со студентите кои протестираат против Владата во Тирана, барајќи итна оставка од премиерот Еди Рама, јави албанската агенција АТА.

На прес-конференција, Бериша ги опиша студентските демонстрации како ослободителен бунт за Албанија и го осуди, како што рече, насилството врз демонстрантите.


„Студентите низ Албанија учествуваат во најмасовниот студентски протест што земјата некогаш го видела. Десетици илјади средношколци им се приклучија, барајќи итно заминување и оставка од Рама. Тој ги згасна соништата на повеќе од 47 отсто од Албанците кои беа принудени да ја напуштат земјата поради сиромаштијата и немаштијата. Ги уништи надежите на еден народ кој сака да ја види својата земја како напредува“, изјави Бериша.

Тој ги повика наставниците, универзитетските професори, бизнисмените, лекарите и медицинските сестри да им се приклучат на студентите, оценувајќи дека рамнодушноста кон протестите е најлошиот можен избор.

„Ги повикувам сите ученици и средношколци низ Албанија да ја бојкотираат наставата и да не одат на училиште, за да ги зачуваат своите најдраги соништа и да ја заштитат својата иднина. Ги повикувам наставниците и универзитетските професори да застанат покрај своите ученици и студенти и да запомнат дека првата лекција, основниот принцип на нивната мисија, е дека мора да бидат со нив во сите околности“, рече Бериша.

Бериша дополнително го обвини Рама за злоупотреба на власта, корупција и осиромашување на албанските граѓани, нагласувајќи дека барањето за негова оставка претставува ултиматум.

Тој предупреди и дека обидите за заплашување на студентите и учениците нема да останат без последици.

Запрашан за изјавата на Рама за „Ројтерс“ дека нема да поднесе оставка, како и за ризикот од дестабилизација на земјата, Бериша рече дека премиерот ги изгубил своите битки и го предупреди да не ја користи полицијата како „топовско месо“.

На крајот, Бериша ги повика „припадниците на државната полиција кои не се вмешани во криминал или активности поврзани со дрога да поднесат оставка“, а полицајците низ земјата ги повика да не интервенираат против студентите кои протестираат.

Можете да прочитате

Демонстранти се собраа во центарот на Софија барајќи оставка од претседателката Илијана Јотова и премиерот Румен Радев

Бегај повика на смиреност и изрази подготвеност за дијалог со демонстрантите во Тирана и другите градови во државата

Турција најавува можност за предвремени избори во 2028 година, што би му овозможило на Ердоган повторно да се кандидира