
Повеќе од 160 здравствени работници и соработници од целата држава учествуваа на обуки за препознавање и спречување корупција во здравството. Обуките се одржаа во осум градови, опфаќајќи ги сите плански региони, соопшти Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Меѓу учесниците беа лекари, медицински сестри, акушерки, психолози, социјални работници и административен персонал. Преку практични примери и дискусии, тие работеа на препознавање корупциски ризици, етичко постапување, еднаков третман на пациентите и користење на механизмите за пријавување.
Обуките следуваат по истражувањето на ЕСЕ од крајот на 2025 година, кое покажало значителен јаз меѓу препознавањето и пријавувањето на корупцијата. Речиси 84 отсто од испитаните здравствени работници сметале дека таа е делумно или многу распространета во секторот во кој работат. Сепак, само седум отсто од оние што имале сознанија за корупција го пријавиле случајот.
Според Борјан Павловски од ЕСЕ, целта на обуките е здравствениот персонал да ги зајакне знаењата и практичните вештини за препознавање на различните форми на корупција, вклучително и нивната родова димензија, како и за соодветно реагирање.
Матичната лекарка од Куманово, д-р Нина Близнаковска Стојковиќ, ја нагласува потребата од поголема доверба и ефикасна заштита на пријавувачите. Таа посочува дека секоја пријава треба да биде темелно, независно и правично испитана, а потврдените неправилности да доведат до мерки што ќе го спречат нивното повторување.
Дел од учесниците првпат се запознале и со сексторцијата како форма на корупција. Д-р Горан Андонов, специјалист по медицина на труд во Здравствениот дом „Д-р Панче Караѓозов“ во Штип, истакнува дека ваквите обуки помагаат полесно да се препознаат коруптивните практики.
„Корупцијата не е само институционален предизвик, туку и прашање на професионална етика, лична одговорност и доверба“, вели Андонов.
Според матичната лекарка од Прилеп, д-р Наташа Илијоска, дискусиите покажале дека меѓу здравствените работници постои голема потреба за отворен разговор за искуствата, проблемите и дилемите со кои се соочуваат.
Обуките се дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, кој ЕСЕ го спроведува со поддршка на Expertise France преку Француската агенција за развој. Покрај едукацијата на здравствените работници, проектот опфаќа подигнување на свеста кај граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и унапредување на политиките и процесите во здравството.

