
Соопштение на СДСМ:
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати две прашања до министерот за заштита на животната средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, посочувајќи на доцнењето на изградбата на регионалната санитарна депонија за Североисточниот плански регион и за недоволната разрешница на проблемите поврзани со ископот на песок во селото Шупли Камен.
Во однос на депонијата „Краста”, Спасовски посочи дека долгогодишното непостоење соодветно санитарно решение придонесува за повторливи пожари, загадување на воздухот и загрозување на здравјето на жителите од околните населени места.
Спасовски укажа на тенденцијата на градоначалникот на Куманово да ја префрла одговорноста за состојбата врз други, нагласувајќи дека граѓаните со години чекаат трајно решение. Побара од министерот конкретен одговор дали е завршена тендерската постапка, дали е избран изведувач и кога ќе започне изградбата на регионалната депонија.
Второто прашање се однесуваше на ископот на песок и уредувањето на речното корито во Шупли Камен.
Спасовски посочи на загриженоста и реакциите на локалното население, кое предупредува на пресушени бунари, намалување на водата во каптажата и нарушување на природниот тек на реката. Тој побара да се утврди дали надлежниот инспекторат извршил увид, какви се неговите наоди и дали активностите се спроведуваат во согласност со условите за заштита на животната средина. Притоа, отвори и прашање за реакцијата на локалната власт и за потребата институциите навремено да постапуваат, наместо проблемите да се решаваат дури по протестите на граѓаните.
Во продолжение интегрално го пренесуваме обраќањето на Оливер Спасовски во Собранието:
Имам две пратенички прашања коишто се однесуваат на Куманово, или на кумановскиот регион, кој се до министерот за заштита на животната средина, господинот Хоџа, и ова се две теми коишто се актуелни и за коишто граѓаните очекуваат одредени одговори.
Се надевам дека ќе имаме одговор. Доколку е потребно, некои детали од сите овие прашања може и дополнително писмено да се дадат, односно да се дадат одредени насоки.
Првото прашање коешто сакам да го поставам: вие знаете дека деновиве сериозно актуелно беше прашањето околу депонијата или, ако сакате, ѓубриштето, бидејќи никаде во Македонија, освен Дрисла, немаме санитарна депонија таква каква што треба да имаме, и тоа не е од сега, тоа е години наназад.
Изминатиот период навистина ова зазема сериозни размери, на горењето на таа депонија имам и неколку слики, загадување на воздухот и директно загрозување на животот и здравјето на граѓаните. И на Куманово, но и посебно на животот и здравјето на луѓето коишто живеат во непосредна близина на оваа депонија.
А тоа се населените места Пчиња, Студена Бара, Вакав и Винце. Таму, според пописот од 2021 година, во Пчиња живеат 647 жители, во Студена Бара 231, во Вакав 61 и во Винце 32, или вкупно 971 жител во овие населени места.
Е сега, прашањето го поставувам бидејќи досега надлежностите одржувањето на депонијата е на локалната самоуправа, односно на јавното претпријатие коешто стопанисува со оваа депонија, Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило”.
Гледаме во изминатиот период како градоначалникот сака целосно да се огради од тоа, дека тој не бил надлежен, туку бил надлежен директорот, иако тие приказни ги кажува веќе 12 години во Куманово.
И мислам дека тој дел од прашањата се остава за локалната власт и за локалната самоуправа.
Меѓутоа, мене ме интересира во однос на градбата на регионалната депонија, којашто требаше да биде за Североисточниот плански регион.
Според достапните информации и податоци коишто ги имаме, знаеме дека оваа депонија се формираше, односно тогаш беше формиран Совет за изградба на таа депонија, при што градоначалникот на Куманово, со сите сили и средства, инсистираше тој да го води тој совет. Ако не биде тој, ќе има сериозен проблем.
Впрочем, и вие бевте портпарол на Владата и знаевте кога ги започнувавме тие активности и ги пренесувавте тие информации во јавноста.
Знам дека во декември 2025 година е започнат тендер за избор на изведувач на работите на оваа санитарна депонија.
Во јуни 2026 година има објавен податок дека сè уште не се извршени евалуациите на резултатите од тендерот, односно од постапката за јавна набавка. Значи, тоа се повеќе од седум месеци. Не се започнати евалуациите.
Исто така, беше најавено во јуни, на една од прес-конференциите, дека до крајот на летото ќе започне изградбата на депонијата, а со тоа и на сите придружни објекти коишто ги има, меѓу кои и претоварната станица и санацијата на актуелната депонија „Краста” во Куманово.
И досега немаме никаква информација, иако, еве, средина на октомври е, дали конечно е завршена евалуацијата и дали имаме избор на изведувач. Ако нема избор на изведувач, кога тоа би се случило според процените коишто вие ги имате како Министерство?
Бидејќи гледам дека општината многу ажурно работи во овој дел, кажува дека, еве, толку години ние прашуваме, последните две години градоначалникот ги информира граѓаните на Куманово дека во последните две години постојано бара од Владата и така натаму, и така натаму.
Меѓутоа, фактот е еден. На 5 октомври 2026 година, градоначалникот доставува допис до Министерството за животна средина и на 5 октомври прашува што ќе правиме со депонијата, дали нешто мрднало од мртва точка или не.
Тоа покажува дека во моментот кога доаѓа до блокада на депонијата, тогаш се активираат сите тие механизми коишто можат да бидат во овој дел.
И моето прашање е: дали Министерството ја има завршено постапката, дали е завршена постапката за избор на изведувачот? Ако е завршена, кој е изведувачот? Знаеме дека, според тендерската документација, некаде околу три години треба да трае изградбата на таа нова санитарна депонија, со сите придружни елементи, меѓу кои и санацијата на постојната депонија „Краста”, и на тој начин да има предвидливост во однос на ова решение, коешто би било трајно решение, а не како досега, што беше 30 години наназад: ќе се пали депонијата, ќе се средува, ќе се санира во одреден момент, па пак се повторува таа постапка и така натаму, без да има предвидливост во однос на жителите од овие населени места.
Така што, тоа е моето прво прашање.
Второто прашање коешто сакам да го поставам исто така се однесува на кумановскиот регион, односно точно на ископот на песок во селото Шупли Камен.
Според информациите коишто ги имам и ги добив од населението, има доставено писма до повеќе институции, меѓу кои и писмо до Министерството за животна средина и просторно планирање, коешто е доставено лично до вас како министер.
Исто така, доставено е писмо и до Државниот инспекторат за животна средина, како и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, господинот Борче Серафимовски, во однос на состојбата којашто се случува со ископот на песок преку уредување на речното корито во ова населено место.
Луѓето одржаа и протести, мислам еден или два, за коишто известуваат. Последното известување е од 26.09, значи за вториот протест, при што ги известуваат и градоначалникот и СВР Куманово за состојбите коишто се во селото.
Ова се исто така некои фотографии на кои ќе видите како се уредува речното корито. Таму има навистина огромни кратери, а дури и на одредени места има наталожено песок и друг материјал од страната, што оневозможува или го прекинува преминувањето од едната страна на другата на реката. Тука имаат сериозен проблем и жителите од селото Зубовце.
Најважно е што со ископот и вдлабнувањето на речното корито се повлекуваат и подземните води.
Многу од бунарите во ова село се веќе пресушени, а на минимум е сведена и каптажата којашто го снабдува селото со вода. Имаат околу еден метар вода веќе во оваа каптажа.
Луѓето разговараа и со градоначалникот. Градоначалникот им рекол: „Дајте да се стрпиме, да ги оставиме уште неколку дена да завршат, да прават ископ, понатаму ќе се среди работата”.
Притоа ја повикал и, според мои информации, директорката на Инспекторатот за заштита на животната средина.

Ме интересира дали имаме извештај од извршениот увид од страна на Инспекторатот за заштита на животната средина, кои се заклучоците и дали навистина се исполнети условите така како што треба за остварување на ова што практично го бараат граѓаните, а тоа е да се уреди речното корито, меѓутоа да не се загрозува животната средина.


