Утрински Весник
Македонија

Апасиев кон Мицкоски: Дали државата ја водите како премиер или како менаџер на фамилијарниот бизнис

Image 2026 10 14 134034907.png

Соопштение на Левица:

Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, со визуелизација постави прашања за деловната мрежа на лица од семејното опкружување на Мицкоски. Преку имиња, компании, деловни врски и партиски донации, Апасиев побара одговор за можниот судир меѓу приватните економски интереси на премиерските роднини и вршењето на јавната власт.


Во фокусот на неговото излагање беше Јорданчо Јанев – Дано, во јавноста веќе познат како баџанак на Мицкоски. Според податоците што ги презентираше Апасиев, Јанев е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу нив ги наведе „Дано Транс”, „Интерпласт Груп”, „Шалом Фуд Груп” и новооснованите „Шалом Деливери” и „Д-Дигитал Конто”. 

Дел од компаниите се основани по промената на власта во 2024 година, како и на деловните врски со неговиот братучед Дончо Карастоев, за кого презентираше дополнителна мрежа од девет компании.

Апасиев го посочи и договорот за организирање свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите петнаесет тивериополски маченици во Струмица. Првиот тендер на општината под раководство на новиот градоначалник Петар Јанков завршил кај фирма поврзана со баџанакот на Мицкоски, кој истовремено бил кум и покровител на прославата. Апасиев го проблематизираше ваквиот однос меѓу јавните средства и приватниот бизнис, особено во контекст на општина за која наведе дека има јавен долг од 16 милиони евра.

Апасиев отвори прашања и за финансиските врски со владејачката партија. Според јавно достапните податоци, Јорданчо Јанев од 2019 година донирал околу 20.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ, додека неговиот братучед Дончо Карастоев донирал 5.000 евра за изборите во 2024 година. Дополнително, посочи дека Танкица Ефтимова, директорка на компанијата „Д-Дигитал Конто”, донирала 2.500 евра.

Посебен дел од излагањето беше посветен на прекуграничната деловна мрежа во Бугарија. Апасиев посочи две компании поврзани со Јанев и Карастоев, регистрирани на иста адреса во Петрич, како и повеќе домашни компании од областа на транспортот, трговијата, угостителството и консалтингот. Воедно, побара да се испита потеклото и движењето на капиталот во оваа мрежа. Тој спомена и информации за недвижен имот и можни земјоделски концесии.

Повлекувајќи паралела со деловните и политичките врски што биле предмет на претходни корупциски афери, Апасиев го постави прашањето дали станува збор за независни приватни бизниси или за мрежа чии интереси се испреплетуваат со политичката моќ: „Ако фирмата на вашиот баџанак можеше да го добие првиот празничен ручек во Струмица, а неговите фирми во Петрич тивко да си работат преку граница, дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единственото нешто што циркулира навистина слободно помеѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?”

Можете да прочитате

Започнува вакцинацијата против сезонски грип, еве како да се пријавите

Одбраната на Груби се оградува од синоќешниот дочек во Чаир

Судење за „Пулс“: Вештакот на одбраната тврди скалите и галеријата на дискотеката биле занаетчиски работи