
Полицијата денеска упадна во просториите на турската опозициска телевизиска станица „Халк ТВ“ во Истанбул и беше назначен државен управител кој ќе раководи со каналот.
„Стотици полицајци влегоа во зградата. Влезот во зградата на ’Халк ТВ‘ не е дозволен додека трае претресот“, наведе телевизијата на својата интернет страница.
Директниот пренос беше прекинат во 6:30 часот по локално време, по што почна емитување на снимен материјал.
Надлежните институции сè уште не се огласија по повод овој случај и не е јасно зошто полицијата упаднала во просториите ниту пак зошто е поставен привремен управител.
Организациите за заштита на човековите права и западните земји ја критикуваа владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган поради влошувањето на состојбата со човековите права и задушувањето на слободата на медиумите во последниве години.

Неколку опозициски или независни медиумски куќи се соочија со забрани за пристап, забавување на протокот на податоци, парични казни и други ограничувања.


