
Соопштение за јавност на Левица:
Артан Груби „избега” од Македонија, 14 месеци беше недостапен за органите на прогонот, се врати и заврши во куќен притвор. Додека ДПМНЕ глумеше бескомпромисна пресметка со Груби, зад кулисите се договараше поделбата на милионскиот колач од „Бехтел и Енка” – дилот си тече, а денес по истекот на законскиот рок, Груби е слободен граѓанин.
Договорот со „Бехтел и Енка” е милијардската зделка што ги поврзува коруптивните шеми на ДУИ и ДПМНЕ. Договорот беше склучен во времето на ДУИ и СДСМ, а ДПМНЕ, наместо да ги расчисти сомнежите по доаѓањето на власт, продолжи со неговата реализација. Во меѓувреме, во сопственичката структура на „Електра Солушнс”, фирмата ангажирана за надзор, влезе Бојан Савески, кадар на ДПМНЕ и поранешен соработник на Коце Трајановски. Две години МВР под раководство на Тошковски не ги расчисти сомнежите за овој тендер. ДУИ го договори милијардскиот бизнис, ДПМНЕ го презеде и продолжи, а одговорноста остана закопана.
Дилот е едноставен: ДПМНЕ и ДУИ си ги чуваат грбовите, а провизиите од „Бехтел и Енка” се заеднички интерес! Додека Мицкоски глуми бескомпромисен борец против ДУИ, Груби излегува од куќен притвор, а милијардскиот проект продолжува без одговорност за сомнежите што го следат. Едните добиваат слобода од одговорност, другите продолжуваат со договорите. Народот нека верува во нивната наводна војна.
Груби не е само симбол на корупцијата на ДУИ, туку и доказ за политичкиот пазар на ДПМНЕ, кое го претвори во инструмент за предизборно собирање поени, а сега му овозможува комотен излез од притвор. Нема никаква пресметка со криминалот – има договор меѓу ДПМНЕ и ДУИ за меѓусебна заштита и зачувување на милионските интереси околу „Бехтел и Енка”. Мицкоски не ја урна шемата на ДУИ, туку ја презеде власта за да продолжи да ја управува.



