Утрински Весник
Свет

Вонредна состојба на аеродром во Германија – Прекинати сите летови

Aer.jpg

Воздушниот сообраќај на аеродромот во германскиот град Нирнберг е прекинат по безбедносна тревога предизвикана од пријави за сомнителен летечки објект, за кој се претпоставува дека би можел да биде дрон.

Според информациите што ги објави британски „Скај њуз“, сите дојдовни и појдовни летови биле суспендирани до понатамошно известување, додека германските безбедносни служби спроведувале проверки во околината на аеродромот.


Инцидентот се случил непосредно пред планираното слетување на патнички авион што пристигнувал од грчкиот остров Крф.

Портпаролот на аеродромот потврдил дека авионот безбедно слетал, но и дека бил следен од борбени авиони од типот „Еурофајтер“.

И покрај безбедното слетување, надлежните одлучиле привремено да го прекинат воздушниот сообраќај додека полицијата ја проверувала областа и ги утврдувала околностите на инцидентот.

Според германската полиција, тројца пилоти независно еден од друг пријавиле дека забележале сомнителен објект во близина на аеродромот, за време на операции на полетување и слетување.

Пријавите се однесувале на периодот меѓу 2 и 4 часот по полноќ, кога биле активирани дополнителни безбедносни мерки.

Полицијата соопштила дека постои сомневање оти станува збор за беспилотно летало, но дека присуството на дрон засега не е потврдено.

Во потрагата бил ангажиран и полициски хеликоптер, кој ја надгледувал областа од воздух. Сепак, при проверките не бил откриен објект што би ги потврдил пријавите на пилотите.

Граничниот полициски инспекторат на аеродромот во Нирнберг презел дополнителни истражни и безбедносни активности, со цел да се утврди дали во воздушниот простор навистина имало неовластено беспилотно летало.

Како последица на пријавите, во текот на ноќта биле воведени привремени ограничувања на воздушниот сообраќај.

Германските власти засега не потврдиле дека станува збор за намерно нарушување на безбедноста, ниту дека бил идентификуван конкретен дрон.

Според најновото достапно известување на „Скај њуз“, полицијата соопштила дека по проверките на терен не е утврдена опасност и дека на патниците им било дозволено да го напуштат авионот. Во тој момент немало потврда за целосно обновување на летовите.

Можете да прочитате

Москва: НАТО се подготвува за конфликт со Русија, нека не ја минува границата

Марта Кос: Албанија затвора уште едно поглавје, со Молдавија и Украина отвораме по две

Дронови нападнаа бродови кај Бугарија, еден потона