
Патниците на авион на американската авиокомпанија „Делта ер лајнс“, кој сообраќал на релацијата Њујорк – Тел Авив, утрово биле евакуирани по слетувањето на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во Израел, откако безбедносните служби добиле анонимна дојава за поставена експлозивна направа.

Според информациите што ги пренесуваат странските медиуми, вклучително и британски „Мирор“, надлежните веднаш ги активирале безбедносните протоколи поради сомневање дека во авионот се наоѓа бомба.
Патниците биле евакуирани во терминалната зграда, додека авионот бил преместен во посебен, изолиран дел од аеродромот, каде што специјализирани безбедносни екипи извршиле детална проверка.
Инцидентот предизвикал засилени безбедносни мерки на еден од најважните меѓународни аеродроми во Израел.
Израелските власти соопштиле дека немало непосредна опасност за патниците и дека биле преземени сите неопходни мерки за нивна безбедност.
Според израелскиот весник „Џерусалим пост“, првичните проценки на безбедносните служби укажувале дека најверојатно станува збор за лажна дојава.
По деталниот преглед на авионот, безбедносните служби не пронашле експлозивна направа, ниту каков било сомнителен предмет, пренесува израелскиот портал „Јнет“.
Израелската управа за аеродроми потврдила дека безбедносната операција е завршена и дека аеродромот продолжил со нормално функционирање.
„Инцидентот е завршен без никакви необични наоди. Сообраќајот се врати во нормала“, соопштиле од израелската управа за аеродроми.
Со тоа била отстранета првичната закана, а надлежните утврдиле дека во авионот нема ништо што би ја загрозило безбедноста на патниците и екипажот.

Засега нема информации за идентитетот на лицето кое ја испратило анонимната дојава, ниту дали е започната истрага за утврдување на неговата одговорност.

