
Лидерот на британската популистичка партија „Реформ УК“ (Reform UK), Најџел Фараж, денеска изјави дека, доколку неговата партија победи на следните парламентарни избори, ќе воведе петгодишна забрана за одобрување азил во земјата. Во рамките на оваа кампања за сузбивање на илегалната имиграција, Фараж најави и поништување на речиси 90.000 постојни барања за азил, кои автоматски ќе бидат одбивани, а мигрантите враќани во матичните или во трети земји.
Во изјава за време на посетата на јужниот брег на Англија, Фараж рече дека би можел да воведе царини, визни ограничувања или забрана за прелетување низ британскиот воздушен простор за сите држави што одбиваат да ги примат назад своите граѓани.
– Мораме повторно да станеме нормална држава – држава што ќе ги задржува и депортира луѓето кои пристигнуваат нелегално, како што, всушност, прави секоја друга земја во светот – рече Фараж.
Партијата „Реформ УК“ водеше во анкетите на јавното мислење до ова лето, но низа полициски и парламентарни истраги за нејзиното финансирање, заедно со изборот на лабуристот Енди Барнам за нов британски премиер, придонесоа таа да падне на второто место. Партијата на Фараж ги демантира обвинувањата дека го прекршила изборното законодавство.
Следните парламентарни избори во Велика Британија треба да се одржат во 2029 година. Нелегалната миграција останува клучно прашање за британските гласачи, кои не го кријат разочарувањето од неуспехот на неколку последователни влади да го запрат приливот на десетици илјади баратели на азил кои пристигнуваат во земјата со чамци преку Ламанш.


