Утрински Весник
Свет

Во Велика Британија годинава се затвора по еден паб дневно поради финансиските притисоци

Pab.webp.webp

Велика Британија е на пат да губи по еден паб дневно во 2026 година, откако речиси 300 ги затворија своите врати засекогаш во првите девет месеци од годината, покажуваат индустриските податоци.

Стручњаците од Британската асоцијација за пиво и пабови (ББПА) соопштија дека очекуваат затворањата да бидат на штета на околу 5.000 работни места ширум целата индустрија.


Сопствениците на пабовите го поврзуваат најновиот бран затворања со високото даночно оптоварување и регулаторните трошоци што го засегаат секторот, и покрај неодамнешните попусти за данокот на деловен простор за пабовите.

Новите податоци од ББПА покажуваат дека 295 британски пабови ги затворија своите врати до крајот на септември од почетокот на годината.

Во Англија се затворија вкупно 226 пабови во тој период, додека 64 ги затворија вратите во Шкотска, а пет во Велс.

Во Англија, Југоисточниот и Северозападниот регион забележаа особено високо ниво на затворања, со 42 односно 39 затворени објекти.

Трговското тело проценува дека околу 360 пабови трајно ќе ги затворат своите врати до крајот на годината.

Тоа би довело до губење на околу 5.000 работни места, при што повеќе од половина од овие позиции ги пополнуваат лица помлади од 25 години, наведува ББПА.

Секторот за пабови искористи попуст од 15 проценти за данокот на деловен простор за тековната даночна година, со намалување од 20 проценти од следната година.

Челниците на оваа индустрија изјавија дека неодамнешната поддршка ќе биде од значителна помош, но го повикаа премиерот Енди Барнам да се справи со другите даноци и трошоци за труд кои влијаат врз бизнисот.

Ема МекКларкин, извршна директорка на ББПА, изјави: „Кога ќе се затвори некој локален паб, штетата надалеку се чувствува.

– Не губат само работниците, заедниците, нашето наследство и главните улици кога ќе се затвори некој паб. Министерството за финансии губи во просек по 200.000 фунти (265.000 долари) во даночни приходи секој пат кога во некој локал ќе се огласи последната нарачка – додаде таа.

Британскиот премиер вети дека помошта доаѓа, и затоа ББПА бара од Владата да го реши коренот на проблемот преку трајно праведно и одржливо даночно оптоварување, замрзнување на акцизата за пиво, зголемување на олеснувањата за точено пиво и ревидирање на трошоците за вработување на лица под 25 години.

– Тоа ќе значи дека ќе можеме да продолжиме да ги задржуваме луѓето на нивните работни места, да ја поттикнуваме економијата и да бидеме во срцето на заедниците – заклучи МекКларкин. 

Можете да прочитате

Американски сенатори бараат од Трамп да се откаже од увозот на руски дизел

Фараж најави замрзнување на постапките за азил до пет години ако неговата партија победи на изборите

Анкета: Марин Ле Пен и натаму убедливо води во првиот круг од претседателските избори во Франција