Утрински Весник
Македонија

Петровска на собир на НАТО во Молдавија: Во фокусот безбедноста на Европа и војната во Украина

Ros rot 2.jpg

Пратеничката Славјанка Петровска, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, учествуваше на 109. Рос-Рот семинар, кој на 6 и 7 октомври се одржа во Кишинев, Молдавија.

На дводневниот собир, организиран од Парламентарното собрание на НАТО и молдавскиот Парламент, главни теми беа безбедносните предизвици во Црноморскиот регион, последиците од руската инвазија врз Украина, хибридните закани, енергетската безбедност и зајакнувањето на регионалната соработка.


На семинарот присуствуваа парламентарци од земјите членки на НАТО, придружните и партнерските држави, како и високи функционери, претставници на невладини организации, научни институти и тинк-тенк организации.

Собирот го отворија шефот на молдавската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Лилиан Карп, претседателот на молдавскиот Парламент, Игор Гросу, министерот за одбрана Анатолие Носати и претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело.

Во своите обраќања тие ја нагласија важноста на заедничките демократски вредности и безбедносната соработка, особено во услови на продолжена војна во Украина и зголемени ризици од воена ескалација, хибридни напади и загрозување на критичната инфраструктура.

Посебно внимание беше посветено на стратешката поврзаност на Молдавија со Црноморскиот регион, како и на последиците што руско-украинската војна ги има врз безбедноста и стабилноста на соседните држави.

Во рамките на дискусиите се разговараше за енергетската безбедност како дел од националната безбедност, употребата на технологијата за странско мешање и дезинформации, како и за натамошното продлабочување на партнерството меѓу НАТО и Молдавија.

Учесниците ја истакнаа потребата од зајакнување на отпорноста на институциите, заштита на демократските процеси и унапредување на соработката меѓу сојузничките и партнерските држави.

Свои видувања изнесоа и молдавскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Михаи Попшои, заменик-министерот за надворешни работи Валериу Мижа и специјалниот претставник на генералниот секретар на НАТО за Кавказот и Централна Азија, амбасадорот Кевин Хамилтон.

Во дискусиите беше нагласено дека Молдавија се соочува со сериозни безбедносни предизвици поради војната во соседна Украина, вклучително и хибридни закани, надворешни притисоци и ризици за критичната инфраструктура.

Истовремено, беше посочено дека земјата продолжува со модернизација на своите одбранбени и безбедносни институции и со спроведување на европската интеграциска агенда.

Учеството на Петровска е дел од парламентарните активности во рамките на соработката со Парламентарното собрание на НАТО, насочени кон размена на искуства и разгледување на актуелните безбедносни прашања во евроатлантскиот простор.

Семинарот беше реализиран со финансиска поддршка од швајцарскиот Државен секретаријат за безбедносна политика (SEPOS) и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF).

Можете да прочитате

Исмаил со демант: СДС не предлага 600 евра минимална плата, туку субвенционирање на газдите со народни пари

ДУИ: Одлуката на Уставниот суд создава преседан за албанскиот јазик и правната сигурност

Муцунски на Конференцијата за Коридорот VIII во Софија: Поврзаноста е стратешки инструмент за безбедност, отпорност и економски развој