
Промена на времето се очекува од петок, 9 октомври, кога Македонија ќе потпадне под влијание на циклонска активност со центар над Џенова. Дождливото време ќе продолжи и во сабота и недела, најави метеорологот Славчо Попоски.
Според неговата прогноза, влажните воздушни бранови ќе донесат променлива облачност и повремени врнежи од дожд. Најобилни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде што локално може да наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар.
На одделни места ќе има услови за развој на нестабилна облачност, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Промената ќе се почувствува и во Скопје и околината. За време на викендот се очекува променливо облачно време со повремен дожд, кој локално може да биде пообилен.
И покрај врнежите, Попоски не најави позначително опаѓање на дневните температури. Тие ќе останат релативно високи, додека утринските ќе бидат во пораст поради зголемената облачност.



