
Обезбедени се 450.000 вакцини против сипаници кај овците и козите од Европската Унија и е добиена дозвола за нивна употреба, а следната недела Министерството за земјоделство ќе одржи средба со претставниците на сточарите за да се договорат наредните чекори и можноста за спроведување вакцинација на добитокот, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
– Остварив контакт со претседателот на Сојузот на сточари и побарав итна средба во врска со новите информации што ги добивме од Европската комисија. Средбата беше планирана за утре, бидејќи требаше да ги соопштиме позитивните информации што ги добивме, односно обезбедувањето на 450.000 вакцини од Европската Унија и дозволата за нивна употреба и аплицирање. Но, поради оправдано отсуство на претставниците на Сојузот и нивна посета на Молдавија, состанокот е одложен за наредната недела.
Одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со сипаниците кај овците, тој оцени дека состојбата се стабилизира и дека засега ширењето е ограничено на источниот регион.
– Источниот регион е еден од најпогодените, а за среќа засега е единствениот каде што е регистрирано ширење на сипаница. Во останатите региони немаме појава на нови случаи. Според информациите што моментално ги добиваме од Агенцијата за храна и ветеринарство, бројката се стабилизира. Сточарите постапуваат согласно сите пропишани мерки за заштита и чување на добитокот, односно спроведуваат изолација на стадата, поради што се намалува бројот на заболени грла – изјави министерот.
Серафимовски најави дека во координација со сточарите ќе се разгледуваат следните чекори во справувањето со болеста.
– Во наредната фаза, која треба заеднички да ја договориме со Сојузот, ќе ја разгледаме можноста за вакцинација на добитокот во согласност со препораките на европските експерти – рече тој.
Одговарајќи на прашање колку овци досега се уништени поради појавата на болеста, министерот изјави дека бројката се движи околу 10.000 грла и дека веќе се подготвува обесштетување за погодените сточари.

-Некаде досега приближно околу 10 илјади грла се уништени, за кои што е направена методологија и веќе е разговарано за моделот за обесштетување на самите сточари. Инаку, согласно правилата кои се во АХВ, на истото место најмалку шест месеци нема да може повторно да се чува добиток. Така што, ние ќе гледаме максимално што можеме да извршиме исплата спрема сточарите за да можат да се подготват за повторно набавување на грла овци – рече Серафимовски.

